Како изгледа животот со смарт веце шолја од 11.000 долари?

Ако мислевте дека технологијата нема да навлезе во најинтимните „полиња“ во тоалетот, сте се излажале. Јапонските смарт тоалети и веце шолји добиваат сé поголема популарност ширум светот, а ако се прашувате зошто – ви ја презентираме најпаметната од нив – Toto Neorest NX2.

Што може оваа веце шолја што ја прави толку посебна? Вистинското прашање е што не може. За почеток, автоматски го крева капакот кога ќе ѝ се доближите, а ако така ја програмирате, може и автоматски да го загрее седиштето веднаш штом седнете, за недај боже да не ви се наежат нозете во зимските месеци.

Штом ќе завршите „работа“, не морате да посегнете по тоалетна хартија за да се избришете, бидејќи Neorest радо ќе ве избрише место вас, но не со тоалетна, туку со нежни млазови на прочистена вода. А бидејќи да ве остави со мокра позадина не е баш практично, паметниот тоалет исто така има и вграден сушач, да не речеме фен.

Не морате ниту да напрскате дезодоранс во вецето за да ги неутрализирате лошите мириси, бидејќи Neorest NX2 си има свој освежувач.

Шолјата си има и „Tornado Flush“ („торнадо пуштање вода“) опција, дизајнирана не само за поефективно да ја елиминира вашата „оставштина“ во веце школката, туку и за да ги исчисти местата кои се најнедостапни. За таа намена користи јонизирана „eWater+“ вода, која има отстранувачки и антибактериски својства.

Ако тоа не е доволно чисто според вашите стандарди за педантерија, без гајле; вградената ултравиолетова светлосна технологија „Actilight“ дефинитивно ќе ги доубие сите бактерии што вие мислите дека преживеале во веце школката. Никогаш нема да морате да ја чистите веце школката, барем не одвнатре – бидејќи се чисти сама.

А никогаш нема да морате ни да го допрете капакот, бидејќи откако ќе станете и ќе се одалечите, се затвора сам.

Е да, како што видовте во насловот, смарт тоалетиве не се евтини. Ама па зар не вреди 11.000 долари, макар и само да ви служи за потсетник до каде може да оди човековата желба да не се мрдне со мал прст?

- Реклама -