Доли е првиот цицач, во случајов – овца, што некогаш бил успешно клониран од возрасна клетка. Се роди на 5-ти јули 1996-тата, од 277 обиди, на Институтот Розлин (дел од Институтот во Единбург). Умре 5 месеци пред да наполни 7 години (14-ти февруари, 2003), од прогресивна болест на белите дробови. За време на својот живот, беше најпопуларната овца на планетата.
Оригиналното код-име на животното било „6LL3“. Името „Dolly“ всушност дошло по предлог на сточарот што помогнал при раѓањето. Погодувате зошто? Се разбира дека не.
Доли беше клонирана од млечна жлезда земена од 6-годишна овца т.е. од клетка од вимето на возрасна овца, и тоа по пат на нуклеарен трансфер (при што клетка од дел од телото се „имплантира“ во неоплодена јајце-клетка, а потоа двете клетки се спојуваат и развиваат ембрион).
Клучните зборови овде се „млечна жлезда“ и „виме“. Сточар како сточар, автоматски помислил на најголемите „млечни жлезди“ што ги имал видено, а сите биле едногласни кога соопштил дека мисли на најпопуларната (и најнадарената) кантри пејачка – Доли Партон. И така, првиот клон го носи името на жената со најголеми цицки.