Како Мекдоналдс ја дере Европа

A McDonalds sign welcomes patrons into the restaurant in Wilmington, Del., Wednesday, Jan. 24, 2007. McDonald's Corp., the world's largest fast-food chain, says its fourth-quarter profit more than doubled, thanks in large part to the spinoff of a burrito chain and strong sales in Europe. (AP Photo/Chris Gardner)

За Американците, Мекдоналдс е добра и евтина зделка. За Европјаните – не баш. Од оваа страна на Атлантикот, Мекдоналдс има навика да се расфрла со мускули и да профитира до максимум, што нормално, на крајот паѓа на грб на обичниот европски потрошувач.

Неделава, коалиција од неколку европски организации за потрошувачки права поднесе тужба до Европската комисија, во која повикува на истрага околу „подлите“ начини на кои Мекдоналдс ја злоупотребува својата моќ за да ја уништи конкуренцијата и околу нефер високите цени со кои компанијата го цица секое можно париче од лиценцираните ресторани и потрошувачите во Европа.

Некој ќе праша: Како може компанија што продава „Happy Meal“ да причинува сериозна штета за економијата?

Фората е што главниот фокус на  Мекдоналдс не е продавањето на хамбургери. Вистинскиот бизнис на Мекдоналдс се недвижнините. Имено, Мекдоналдс има правило со кое ги обврзува и присилува овластените ресторани да изнајмуваат единствено имот што е во директна сопственост на Мекдоналдс – правило што не го поставува ниту еден друг европски ланец на ресторани за брза храна. Преку ваквиот ограничувачки услов, компанијата си дозволува да наплаќа дури и до 10 пати повисока кирија од пазарната стапка.

И навистина, најголемиот дел т.е. две-третини од приходите од филијалите на Мекдоналдс во Европа доаѓаат од кирија. Ај киријата, ама Мекдоналдс ги условува своите филијали и со низа други рестриктивни услови, вклучувајќи договори на долги периоди, 1-годишни или 2-годишни клаузули за неотварање на конкурентски бизнис (од страна на корисникот на лиценцата), како и широк спектар на причини кои му даваат право на Мекдоналдс да го прекине договорот во било кое време.

Мекдоналдс си го дозволува ваквото однесување затоа што е, според неколку критериуми, убедливо доминантна компанија на полето на брзата храна во Европа. Располага со 8000 продавници ширум континентот и опслужува околу 15.7 милиони потрошувачи. Во 2014-тата, овие продавници генерираа 19 милијарди долари, што е речиси два пати повеќе од најблискиот конкурент. Со други зборови, Мекдоналдс е доволно голем за самиот да ги одредува правилата.

Прочитајте и:  „Мрачната тајна“ на познатиот помфрит од Мекдоналдс: Кога ќе слушнете во што се пржи ќе разберете зошто има таков вкус

Не за џабе основачот на Мекдоналдс – Реј Крок, во една прилика се пофали: „Дами и господа, јас не сум во бизнисот со хамбургери. Мојот бизнис се недвижнините“. Ама неговиот бизнис со недвижнини сепак на крајот паѓа на грбот на просечниот купувач на хамбургери: соочени со преголеми кирии и други давачки, лиценцираните ресторани на Мекдоналдс надоместуваат со повисоки цени на менијата.

Некои понови анализи покажуваат дека најголемиот дел од продуктите на менито се далеку поскапи во лиценцираните ресторани отколку во оние што ги поседува компанијата. Во Италија, бројките се запрепастувачки. Во Болоња, 97 отсто од продуктите на менито имаат повисока цена отколку во „оригиналните“ ресторани на Мекдоналдс. Во Рим, поскапи се 68 отсто од менито. Истата шема се случува и во Франција: во Марсеј – 79 отсто; а во Париз – 71 отсто од продуктите на менито. Згора на тоа, не се работи за наивни, мали разлики во цената. На пример, малиот помфрит во Марсеј е поскап за цели 72 проценти, во Париз е поскап за 64 проценти, а во Лион – за 25 проценти.

Судејќи по обвинувањата, „чаталењето“ му е навика на Мекдоналдс. На крајот на минатата година, Европската комисија најави истрага околу агресивните стратегии на компанијата на полето на избегнување на данок. Шпекулациите се дека фаст-фуд гигантот избегнал повеќе од милијарда евра во даноци, од 2009-та па наваму.

„Праксите што ги наведовме во нашата тужба се во сериозна спротивност со законот за заштита на конкуренцијата и се подложни на ригорозна казна“, се наведува во тужбата. Според законите на Европската унија, Мекдоналдс би можел да биде казнет со 10% од глобалниот приход т.е. со околу 9 милијарди долари. Потенцијално, компанијата е соочена со сериозни последици.

- Реклама -