Како „писмената гаранција“ за датум испари од меморијата на премиерот (ВИДЕО)

Пет месеци пред разочарувачки негативната одлука на Европскиот совет, при што Франција, Холандија и Данска го блокираа почетокот на преговори на Македонија и Албанија со ЕУ, премиерот Зоран Заев инсистираше не само дека датум во октомври ќе има, туку и дека за тоа имаме писмена гаранција.

„Октомври ќе биде октомври. И таму стои ‘No later than October’. Не подоцна од октомври. Ја добивме писмената право-формална гаранција“, рече тогаш Заев, потсетува „ТВ21“.

Случувањата минатата недела сепак покажаа дека датумот во ниту еден момент не бил гарантиран, а веќе на прес-конференцијата во саботата, прашан дали ќе ги активира, премиерот не можеше да се сети кога тоа зборувал дека имало „писмени гаранции“ за почеток на преговори:

„Јас сум изјавил дека има писмени гаранции? Ако сум зборувал за нешто писмено, тогаш е тоа што писмено е вградено во договорот од Преспа, каде што се поглавјата. Тука е Европа вградена, затоа што таа учевствуваше со нас. Видовте дека беше таму и високата претставничка Могерини, комесарот Хан, покрај Обединетите нации коишто беа учесници внатре… И секако, со нивна дозвола е вградено во Договорот од Преспа: се отвара поглавје – се реализира одреден дел од нашиот договор. Заради нашата мотивација за Европската унија, којашто ја правиме. Ако е тоа писмено, тоа е писменото. Никој ниту сме барале да остави изјава заверена пред нотар, или слично. Волјата треба да биде навистина обострана – ние да сакаме да почнеме преговори, ама и Европската унија да сака. Еве, 27 земји, според мене, сакаа“, рече премиерот (36:06 во видеото) во саботата, откако петокот го помина во долги консултации, далеку од објективите и микрофоните на медиумите.

За гаранции зборуваше и портпаролот на СДСМ – Костадин Костадинов, а убеден дека ќе го добиеме беше и вицепремиерот Бујар Османи (прилогот ТУКА).

- Реклама -