Како подобриот дизајн можеше да го спречи резилот на Оскарите

Ако се анализира снимката од Оскарите, јасно е видливо двоумењето на Ворен Бити пред да го прочита победникот. Но се случи тоа што се случи – презентерите добија погрешен плик, а Феј Данавеј избрза и го прочита погрешниот победник.

Ништо од тоа немаше да се случи ако Академијата годинава не заборавеше на еден мал, ама важен детал – типографијата, смета креативниот консултант Бенџамин Банистер.

Ќе се послужиме со дефиницијата на Википедија: Типографија е уметност и техника на подредување и селекција на типот на буквите, со цел да се направи пишаниот јазик поразбирлив, почитлив, и попривлечен за окото.

Според Банистер, на картичката со победникот за Најдобар филм, прекршени се дел од овие правила: читлива е и буквите јасно се разликуваат, но визуелната тежина на насловот на филмот е подеднаква со таа на имињата на продуцентите, па двете се претопуваат една во друга.

Уште пострашно е што целата карта изгледа визуелно „празно“ и воопшто непривлечно, а најстрашно од сé, според Банистер, е што категоријата (во случајов „Best Picture“) е напишана на дното на картата, со сива (читај: помалку видлива) боја и ситни букви.

Врз основа на горниот скриншот, Банистер направи реконструкција на картата што првично ја извлекоа Бити и Данавеј. Изгледа вака:

Го цитираме Банистер: „Ова е ужасна типографија. Ќе повторам пак: УЖАСНА. Или, да бидам пофин, не е добра. Погледнете повторно. Секако дека секој можеше да ја направи истата ненамерна грешка!“

На телевизија си, и те гледаат милиони луѓе низ светот. Малку се нервозен, а треба да прочиташ карта. Најверојатно ќе читаш од врвот кон дното, без да се сомневаш дека тоа не е вистинската карта. Изразот на лицето на Бити додека ѝ ја подаваше картата на Данавеш говореше: „Види, на картава пишува Ема Стоун“. Данавеј веројатно го превиде тој дел, и инстинктивно извика „Ла Ла Ленд“.

Банистер вели дека за ова се виновни двајца, но не Бити или Данавеј. Прво, делумно виновен е човекот што го предал погрешниот плик. Вистинскиот виновник, пак, е тој што ги дизајнирал картите, „ако тоа воопшто може да се нарече дизајн“.

Според него, неколку мали промени ќе беа доволни. Прво, логото на Оскарите не мора да биде најгоре на катата. Категоријата не смее да биде најдолу. Главното име, тоа што треба да се прочита, не смее да се претопува со остатокот од текстот.

Да беше до Банистер, тоа ќе беше решено вака:

Со ваков дизајн (десно), каде што името на победникот отскокнува како главно нешто на картата, а категоријата е видлива на врвот и првото нешто што ја читате, дури и ако презентерите добиеја погрешен плик, веднаш ќе сфатеа дека се работи за погрешна карта, и ќе побараа од Џими Кимел или продуцентите да ја поправат грешката. Тоа ќе беше минијатурен скандал во споредба со прогласување на погрешен победник во најпрестижната и најважна категорија.

Банистер ја нагласува важноста на типографијата: „Тоа е апсолутна вештина што треба да се познава, и луѓето – не само дизајнерите – треба да размислат околу тоа да ја научат. Типографијата може да биде страшно од помош кога се пишува добро структурирано резиме, извештај, при дизајн на вебсајт – и дефинитивно за дизајнирање на карти со победници на доделувања на награди“.

За крај, Банистер испраќа свој предлог-дизајн до Академијата за филмска уметност за следните – 90-ти по ред Оскари. „Картата е чиста и лесна за читање за секој презентер, и содржи само релевантна информација“, дообјаснува тој. „Дури ни зборовите ‘The Oscars’ не мора да бидат на картата (помалку зборови за читање). Графичкиот приказ на статуетката е сосема доволен“.

Утни го ова, да те видам.
- Реклама -