Како се оди на плажа во Полска? Со сепаратори за плажа

Ако случајно планирате одмор на Балтичко Море, на северот на Полска, подобро купете си таканаречен „просторен сепаратор“, барем ако сакате да се вклопите во средината.

На интернет, ако воопшто налетате на сликиве – затоа што ова е очигледно редок феномен, ќе ги најдете под наслов „Полски интроверти на плажа“. Тоа сугерира дека главната намена на просторните сепаратори е да обезбедат приватност за посетителите на плажата. Но за подетално објаснување ќе треба повеќе да се потрудите (или да го дочитате текстов). Ако сепак решите машки да прогуглате, ќе стигнете до руски сајт кој прилично детално ја објаснува мистеријата.

Според Polomedia, просторните сепаратори за плажа се дел од полската традиција веќе многу долго време, макар што од неодамна почнуваат да добиваат внимание на социјалните мрежи како Фејсбук и Инстаграм.

Се состојат од долго парче од колоритен материјал, поставен на метални колчиња кои прилично лесно се забодуваат во песокот. Ќе ги најдете во секакви големини; некои опколуваат одвај еден пешкир и чадор, други пак сепарираат огромен простор од плажата.

Меѓутоа, нивната намена не е приватност и криење од туѓите погледи, како што сугерира тоа „Полски интроверти на плажа“. Всушност, Балтичкото Море е добар другар со силните ветрови, па овие сепаратори почнале да се употребуваат за Полјаците да можат раат да одат на плажа и да се сончаат без да им лета песок во очите или да ги бркаат чадорите, душеците и другите „алатки“ за уживање на плажа. Според Polomedia, теоријата дека сепараторите се користат зашто Полците се срамежливи, настанала како и многу други безвезни теории – од коментари на социјалните мрежи во кои луѓе се обидуваат да објаснат нешто околу кое појма си немаат.

Прочитајте и:  Реконструирано лицето на полската „вампирка“ која живеела пред 400 години
Сите се поставени во иста насока. Не ќе да е главно за приватност.

Освен што ја решава мистеријата, Polomedia навлегува и во контроверзната страна на овие сепаратори за плажа. Во последниве години, Полјаците почнуваат да ги злоупотребуваат овие акцесоари за да приграбат повеќе простор на плажата отколку што им припаѓа или им е потребен. Не е ретка глетка да видите огромен ограден простор, а празен – со само два пешкира на средината.

За  време на летото, сепараторите се поставуваат толку блиску едни до други, што одвај можете да поминете меѓу нив, уште помалку да најдете место за да поставите пешкир или не дај боже свој сепаратор. Тоа особено е проблем за странските туристи, кои освен што се странци во Полска, се и тотални странци кон вакви акцесоари.

Сепараторите за плажа се важен дел од полската култура, и често ги има на маици, магнети и други сувенири од приморските ресорти. Сепак, нема дилема дека кога плажите се натрупани со посетители во екот на сезоната, сепараторите се извор на бројни конфликти. Една од причините ни е сосема позната: луѓе ја напуштааат плажата со часови, ама ги оставаат сепараторите за да не им го фатат местото, или зошто ги мрзи да ги соберат.

Според Polomedia, популарноста на сепараторите за плажа е ексклузивна само за Полска. Ако сте виделе вакво нешто и на друго место, споделете во коментари (на Фејсбук).

- Реклама -