Прирачник за толкување на огласи за работа

Додека си млад, изреката е „Што сакал да каже писателот“. Кога малку ќе потпораснеш, тоа се претвора во „Што сакал да каже типот од човечки ресурси што го составил огласот за работа“.

Интервјуата за работа се како љубовни состаноци, што ги прави огласите за работа – љубовни писма; сé е кажано на заобиколен начин, иако крајната цел е очигледна. Понекогаш го давате писмото сам, а понекогаш ангажирате некој друг за да го предаде. На крајот од денот, од сите кандидати не го избирате најдобриот, туку тој што најмногу ви се допаѓа, или тој кого можете да си го дозволите.

А љубовниот јазик на огласите за работа е мошне загадочен. Еднаш еден сосед заварувач раскажа како неговиот шеф пуштил оглас за заварувачи, а потоа ги собрал сите кандидати, им ги покажал на работниците, и им рекол: „Сите овие луѓе чекаат за вашето место. Мрш на работа.“

Денес ќе разговараме за тоа што всушност сакаат фирмите. Ќе ги разложиме огласите за работа на своите составни делови, и еден по еден ќе ги анализираме и практично преведеме.

ЗА НАС:

Во огласот пишува: Нашата компанија е присутна во браншата повеќе од 25 години (годините вариират).
Читај: Шефот ни е уморен од животот, и следствено на тоа – конзервативен. Очекувајте менаџер да ви биде жена му, брат му, или ако работел кога требало да ја воспитува ќерка му, па сега е мажена за некој неспособен шупак – зет му.

Пишува: Ние сме една од најбрзо-растечките компании.
Читај: Со конкурентите сме на исто ниво, а го знаеме тоа бидејќи имаме тенко и малку дволично пријателство, во кое нé спојува општата омраза што ја имаме кон компанијата-монопол во браншата.

ЗА РАБОТНОТО МЕСТО:

Пишува: Во врска со проширувањето на тимот бараме…
Читај: Претходните колеги многу им мрчеа на шефовите дека не сакаат веќе да ги вршат и нивните задолженија. На шефовите им дојде преку глава, и еве сме тука.

Пишува: Основни задолженија
Читај: Тука се набројани нештата кои сакаме да ги правите. Исто така, тука не се набројани нештата што допрва ќе ве тераме да ги правите.

УСЛОВИ:

Пишува: Основно образование
Читај: Ако може и да не е осудуван, тоа би било супер!

Пишува: Средно образование
Читај: Повеќе се фокусираме на искуството. И шефот ни е со средно.

Пишува: Високо образование
Читај: Сакаме да сме сигурни дека знаете како луѓето ја работеле вашава работа во 70-тите и 80-тите години.

БАРАЊА:

Пишува: Комуникациски вештини
Читај: Да не си намќор.

Пишува: Способност за работа во тим
Читај: Да работиш дупло кога колегата е болен.

Пишува: Лојалност
Читај: Да немаш други богови освен Нас.

ИСКУСТВО:

Пишува: 3 години
Читај: Сакаме гаранција дека работата нема да ти здосади за две недели.

Пишува: 6 години
Читај: Работиме со меѓународни клиенти.

Пишува: 10 години
Читај: Кај и да е ќе го отпуштаме менаџерот, бидејќи спиеше со колешките што нас не ни даваа.

Пишува: Не се бара претходно искуство
Читај: Работата е за студенти во темната фаза од животот кога работат на изградба на лична биографија, за да не им изгледа CV-то како празна детска боенка. Притоа, бараме студент што нема да умре од глад во процесот.

ДРУГИ УСЛОВИ:

Пишува: Компјутерска писменост
Читај: Да не си ептен престарен.

Пишува: Владеење на странски јазик
Читај: Имаш елементарна самопочит.

Пишува: Возачка дозвола
Читај: Баци си ги децата за збогум.

Пишува: Работа на смени
Читај: Летово сите колеги ќе те менуваат и мразат кога ќе отидеш на одмор. Ако отидеш.

НИЕ НУДИМЕ:

Пишува: Одлична плата
Читај: Стандардна или субстандардна плата, која е одлична само затоа што досега ти плаќале помалку.

Пишува: Работа во млад тим
Читај: Работа во тим во кој секој ден 90% се мамурни.

Пишува: Одлични услови за напредување
Читај: Ако поминеш тука 2 години, ќе имаш доволно стаж за да конкурираш во компанијата што е лидер на пазарот. Впрочем, како што направи човекот пред вас.

Пишува: Договор
Читај: Ти предлагаме нешто што се подразбира, ама живееме во држава каде ништо не се подразбира.

Пишува: Службен превоз
Читај: Спреми се да стануваш во 5:30, бидејќи канцеларијата ни е во Нова Гвинеја. Исто така, 2/3 од платата ќе ти оди на храна порачана преку сервиси за достава, бидејќи во нашата околина има само гаражи за ремонт и депонии за стари гуми.

КАКО ДА КОНКУРИРАТЕ:

Пишува: Испратете ни биографија
Читај: Испрати ни биографија

Пишува: Со понова фотографија
Читај: За да знаеме кој од 10-те Петко Станковски на Фејсбук си ти.

Пишува: Испратете ни мотивационо писмо
Читај: Ние сме безскрупулозни садисти.

Пишува: Само одобрените кандидати ќе бидат повикани на интервју
Читај: Џабе конкурираш, веќе си пикнавме наши луѓе.

Пишува: Документите ќе бидат разгледани во целосна конфиденцијалност (доверливост), според Законот за заштита на лични податоци
Читај: …И жими очи нема да завршат во личниот компјутер на интервјуирачката, која на некоја афтерворк забава ќе го заборави во некој бар, каде персоналот, како и ти, ги има потребните квалификации за истото работно место за кое си конкурирал, но се помирил да работи како келнер.

Со среќа!

М. Дамјанов

- Реклама -