Историјата на аеронаутиката и вселенското истражување е полна со луѓе-херои (Јуриј Гагарин, на пример), но исто така и со истражувачи, додуша пасивни, од редовите на животинското царство.
Први се браќата Монтголфиер во 1783-та, кога загрижени за ефектите на големата висина по човечкото здравје, во кошницата на еден од нивните први воздушни балони ставиле жива овца, петел и патка. Ова е исто така и првиот пример на изведен контролиран експеримент: овцата била таму за да се провери евентуалната физиолошка реакција на човекот што би се нашол толку високо, патката – затоа што е приспособена на големи висини и петелот – како втора „контролна единица“, бидејќи е птица која не е прилагодена на големи висини. Сите три животни го преживеале краткиот лет, а набргу ќе „полета“ и првиот човек.
Како и браќата Монтголфиер, и раните вселенски научници биле загрижени за тоа дали луѓето ќе можат да преживеат патување во вселената. Така, во 1947-мата, неколку мушички станаа првите животни во вселената, лансирани на врвот од американската V2 ракета. Истите биле безбедно вратени на Земјата, за разлика од многуте животни што беа испраќани по нив, во следните неколку децении.
За време на доцните 1940-ти и 1950-тите, неколку американски ресус-мајмуни (сите именувани како Алберт) заминаа на патување во вселената, во серија. Секоја од мисиите заврши со различен степен на успешност. Сеедно, мисиите покажаа дека човекот може да ја поднесе суровоста на вселенското патување, ако ништо друго, барем едноставните „нагоре-надоле“ летови.
Русите, пак, за свој животински претставник ги избраа уличните кучиња. Таквиот избор се должел на нивните физиолошки сличности со луѓето, а преференцата пак, тоа да бидат улични кучиња (а не домашни), била поткрепена од фактот што тие имаат поголемо искуство во борбата со суровите услови – секојдневно преживување на смрзнувачките улици на Русија.
Во 1957-та, Лајка, куче-скитник од Москва, стана првото животно што замина во орбитата. Мисијата беше еднонасочна, без шанса кучето да се врати на Земјата. Со оглед на количината на храна и кислород со кои била опремена ракетата, се очекувало дека Лајка ќе преживее нешто подолго од една недела. Сепак, Спутник 2 се прегреал, а кучката умрела по само неколку часа.
Сепак, токму мисиите како онаа со Лајка (и многу други кучиња) доведоа до тоа космонаутот Јуриј Гагарин конечно да стане првото човечко суштество во вселената во 1961-ва година, макар што и после неговиот успех, човештвото ќе продолжи да праќа животни, особено кучиња (преку 50 мисии) и мајмуни (преку 30 мисии).
Една од најпознатите мисии е онаа на младото шимпанзо Хам, во 1961-та. Хам всушност добил и тренинг – на принцип на на награда (парчиња банана) и казна (благи електрични шокови во неговите стапала), со цел да го натераат да повлече одредени рачки за време на мисијата, и со тоа да се демонстрира дека астронаутите не мора да се едноставно – само патници.
На тој начин, животните-астронаути ги поставија основите на човечкиот лет во вселената. Научниците трагаа по одговори за тоа како микро-гравитацијата ќе влијае на летот на пеперутката, на формирањето на пајаковата мрежа и на репродукцијата на гекото, па затоа секакви видови на животни имаат заминато надвор од земјината атмосфера.
Предизвиците на животот во веселената се големи – од големи температурни промени, до радијација и живот во вакуум. Затоа организмите што во денешно време се избираат за вакви патувања спаѓаат претежно во групата на екстремофили т.е. животни чија природна средина подразбира екстремни услови блиски на оние во близина на подводните вулкански отвори (не само високи температури, туку и екстремни хемиски услови). Веќе стремежот е поинаков: не да се испита дали човекот може да преживее во вселената, туку дали постои можност за живот на други планети.
Досега се покажа дека микроорганизмите познати како „водни мечки“, како и некои видови бактерии, можат да ги преживеат екстремните услови во вселената. Се очекува дека датата од Меѓународната вселенска станица и сите овие мисии ќе ни обезбедат доволно информации и ќе го одведат човештвото до Марс, и подалеку.
Астронаутите отсекогаш биле херои, а денес повеќе од било кога: Твитер, Фејсбук, активна кампања на НАСА за популаризација на нивната работа… Но, не смееме да го заборавиме огромниот придонес што животните го имаат во вселенското истражување. Русите се подосвестија околу таквиот факт: во 2008-та, во Москва, дури половина век по нејзината безнадежна смрт, беше подигнат споменик во чест на Лајка. Кучето е претставено како стои на ракета чиј облик преминува во рака, што треба да симболизира како Лајка посегнува кон ѕвездите. Уште нејзината рeална судбина да беше таква…