Калфин: Софија да престане да се заканува и да мафта со прст, а Скопје да престане да провоцира

Ситуацијата во бугарско-македонските односи треба да се промени во двата правца – Бугарија треба да престане да се заканува и да мафта со прст, а Македонија треба да престане со провокациите, смета поранешниот бугарски вицепремиер и министер за надворешни работи Ивајло Калфин.

„Треба да размислиме како можеме да живееме како соседи, а не како земји во конфликт… Трајно треба да се смени однесувањето од двете страни на границата. Ние не треба постoјaно да мафтаме со прстот и да се закануваме со вето, а од нивна страна постојано да се прават некои провокации, туку да се работи нa решенија за спорните прашања – како да се отворат границите, како луѓето да патуват, да се намалат провокациите“, изјави Калфин за БНР.

Прочитајте и:  Вајц: Треба промена на Уставот, но и треба да работиме да обезбедиме гаранции дека Бугарија нема да има нови барања

Според него, правата на луѓето треба да бидат во центарот на она што го прави Бугарија.

И покрај тоа што, според него, „провокациите“ доаѓаат од македонска страна, Калфин признава дека проблем предизвикуваат и иритирачките изјави на некои бугарски политичари, како и имињата на бугарските клубови во земјава.

„Изјавите на некои бугарски политичари кои се обидуваат уште малку да си ја продолжат политичката кариера – дека Република Северна Македонија ја нема и не постои, не помагаат. Не треба да се заборави и дека културните клубови во РСМ се именувани по личности кои очигледно спорни и иритирачки за нивната јавност“, вели Калфин.

Извор: МИА

- Реклама -