Во организација на Министерството за култура, а во рамките на културната програма за одбележување на традиционалната манифестација „Ден на светите Кирил и Методиј“, во Ватикан, попладнево во салата „Балдини“ во Рим, концерт ќе одржи Националната установа Камерен оркестар на Битола, кој како секстет ќе настапи со солистката Нада Талевска-Спасовска.
На програмата на концертот во чест на сесловенските просветители, се македонски изворни песни, меѓу кои и: „Бор садила мома Евгенија“, „Елено ќерко“, „Јовано Јованке“, „Налеј, налеј“, сплет од староградски песни за Битола, византиски песни и други дела од богатата македонска изворна музичка ризница.
Државно-црковната делегација од Република Северна Македонија од денеска престојува во Рим и во Ватикан каде што ќе се поклони на гробот на Свети Кирил, во рамките на манифестацијата „Ден на светите Кирил и Методиј“. Во државно-црковната делегација што ја предводи претседателката на државава, Гордана Сиљановска-Давкова, се и заменик-министерот за култура Онур Али и претставници од Министерството за култура.
Според агендата, државно-црковната делегација попладнево ќе присуствува на концертот на македонските уметници.
Традиционално, во програмата на тридневната манифестација „Ден на светите Кирил и Методиј“ е аудиенцијата кај папата Франциск во Ватикан, средба со државниот секретар на Светиот Престол, монсињор Пјетро Паролин, молебен во базиликата „Сан Клементе“ во Рим и положување венец на спомен-плочата на македонски јазик во базиликата „Санта Марија Маџоре“.
Манифестацијата „Ден на светите Кирил и Методиј“ во Рим во изминатите години прерасна во празник со кој се слави мисијата на светите браќа, чија хумана активност остави траен белег во историјата на Европа. Оваа манифестација е силна врска во унапредувањето на односите меѓу Северна Македонија, Република Италија и Светиот Престол.
Поклонението на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на Свети Кирил, и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.