Камерниот оркестар „Профундис“, во соработка со виолончелистот од Србија, Петар Пејчиќ, ќе одржи концерт на 29 ноември во големата сала на Македонската филхармонија. Овој настан е дел од оф-програмата на еден од најзначајните уметнички фестивали во Македонија, „Охридско лето“. Концертот ќе се одвива во уникатна кендлајт атмосфера, осветлен од илјадници свеќи – амбиент кој во светот доби статус на современ симбол за интимно, емотивно и визуелно импресивно музичко искуство.
Публиката ќе може да се наслаждава во внимателно избрана програма која комбинира контемплативната минималистичка естетика на Филип Глас со свитата од филмот „The Hours“, драматичната експресивност и виртуозност на Поперовата Унгарска рапсодија оп. 68, како и елеганцијата, духовитоста и длабочината на Чајковски преку неговите Рококо варијации. Оваа музичка целина создава динамична, суптилна и артистична атмосфера, идеална за свечениот кендлајт амбиент.
– За нас е голема чест што Охридско лето му довери премиерата на оф-програмата токму на Профундис. Верувам дека овој концерт ќе биде посебен не само по атмосферата, туку и по начинот на кој ќе прозвучи музиката – искрено, сосредочено и со длабока намера. Нашата цел е да создадеме простор каде звукот и светлината комуницираат совршено, а публиката да ја почувствува онаа тивка, но моќна магија која ја прави музиката уникатна, изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, диригент на Профундис.
Соработката со виолончелистот Петар Пејчиќ е посебна чест за оркестарот, бидејќи тој е еден од најперспективните млади европски уметници, финалист на значајниот натпревар „Кралица Елизабета“ и веќе настапува со водечките европски оркестри.
Овој уникатен концепт, кој комбинира минимална светлина и максимална музичка експресија, им овозможува на слушателите да се фокусираат на секој звук, секој здив на инструментите и секоја суптилна динамика создадена од ансамблот. Концертот е извонредна прилика за скопската публика повторно да го почувствува уметничкиот идентитет на „Профундис“ – оркестар кој со континуирана посветеност, автентичност и висок квалитет го гради своето место на македонската и регионалната музичка сцена.




