„Оружјето не смеете да го романтизираате или потценувате. Еден миг на невнимание може да донесе трагични последици, не само за поединецот, туку и за неговото семејство, пријателите и целата заедница“, изјави Тошковски.
Тој нагласи дека спречувањето на злоупотребата на оружјето и насилството кај младите е колективна одговорност на институциите, образовните установи, родителите и локалните заедници. Кампањата, која ја спомна, е пример за ефективна соработка меѓу Националната комисија за малку и лесно оружје, образовниот сектор, локалната самоуправа и Министерството за внатрешни работи.
Весна Јаневска, министерката за образование и наука, истакна дека учениците најдобро учат во мирна и хармонична средина.
Јаневска напомена дека училиштето е местото каде што се гради културата на ненасилно однесување и се развиваат вештини за пријателство, а не за конфликт. Таа нагласи дека децата од најрана возраст треба да разберат дека „нема ништо атрактивно во носењето оружје“ и дека оваа порака треба да се комуницира постојано и соодветно на нивната возраст.
„Младоста е полна со енергија, но понекогаш и со непромислени идеи. Секојдневната провера на ранецот на детето од страна на родителите не е лоша идеја“, истакна Јаневска, повикувајќи ги семејствата да реагираат ако забележат невообичаено однесување или предмети кои не треба да се наоѓаат во училишниот ранец.
Килијан Вал, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, предупреди дека насилството може да има неповратни последици.
Тој истакна дека иницијативата за обединување на институциите и партнерите служи за остварување на заедничка цел – за зацврстување на безбедноста во земјата, со посебен фокус на младите, кои, како што рече, се најподложни на негативни влијанија што го нормализираат насилството.
„Иако пристапот до оружје може да биде ограничен, уништувачката сила на содржините кои го романтизираат насилството останува загрижувачка. Поради тоа е од основно значење да се нагласуваат здравите опции, да се поттикнуваат емпатијата, почитта и одговорноста“, појасни Вал, додавајќи дека грешките поврзани со оружјето „се скапи“ бидејќи „животот нема опција за рестарт, а оружјето не е игра“.

Тој нагласи дека кампањата не е само насочена кон подигнување на свеста, туку и кон спречување на насилничкото однесување, промовирање на ненасилни решенија за конфликти и градење култура во која почитта и одговорноста стануваат општествени норми.
Настанот се одржа во средното училиште „Владо Тасевски”, а кампањата вклучува активности и посети на училишта во различни градови во државата како дел од проектот за поддршка на националните власти во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на малото и лесното оружје, кој го реализира Мисијата на ОБСЕ во Скопје.




