Каракачанов: Јазикот што го нарекуваат македонски можат да го нарекуваат и илирски, тој е балкански есперанто

„Во Скопје си замислуваат дека Бугарија одновно ќе направи отстапка во името на братските чувства. Во Скопје се надеваат дека некој ќе изврши притисок врз Бугарија и ние ќе се откажеме од нашиот национален интерес“. Но, тоа нема да се случи, категоричен е вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија – Красимир Каракачанов, порачувајќи дека „пријателството е пријателство и братството е братство“, но договорите и добрососедските односи мора да се почитуваат.

Според него, Рамковната позиција, која бугарскиот парламент ја усвои во октомври минатата година, многу јасно го штити бугарскиот национален интерес. „Таа е поддржана од сите партии и не може да се менува“, изјави тој во интервју за бугарската „бТВ“, пренесува агенцијата БГНЕС.

Повикувајќи се на неговиот впечаток по разговорите со бугарскиот премиер Бојко Борисов на седниците на Министерскиот совет, Каракачанов е дециден дека Бугарија ќе опстои во одбраната на својот интерес и дека до овој момент тоа го прави без двоумење.

Тој негира дека Германија прави притисок врз Бугарија за Македонија и оцени дека попуштање сега – ќе значи проблеми за нив во иднина:

„Бугарија треба да се држи достоинствено. За мене клекнување пред Скопје сега е еднакво на тоа утре да си создадеме проблеми… Дали ќе им потклекнеме на едните или на другите, тоа значи да го внесеш волкот во трлото и утре да си имаме проблеми со претензии за македонски малцинства. Утре ќе сакаат населението во Ќустендилската и Благоевградската област да го учат измислениот во 1945 година јазик“, рече Каракачанов, прашан дали Бугарија потклекнува под притисокот на Германија по ова прашање.

Во интервјуто, тој истакна дека позицијата на Бугарија во однос на Македонија ја објаснил и за време на неговата неодамнешна посета на Вашингтон. Притоа, тој посочи кои се барањата на Софија кои треба Скопје да ги исполни:

„Бугарија сака РС Македонија да го запре фалсификувањето на бугарската историја и да престане со антибугарското воспитување преку медиумите и образованието. Ние први ја признавме Македонија во 1992 година, што доведе до тоа војната да не се прошири на нивната територија. Бугарија ѝ помогна на РС Македонија воено, дипломатски и финансиски. За возврат добиваме навреди, тие нѐ нарекуваат фашисти и татарско племе“.

Според него, да се има таков став кон Бугарија не е европски.

Каракачанов, сепак, смета дека Договорот за пријателство и добрососедство, потпишан во август 2017 година, содржи сѐ што е потребно за решение на проблемите меѓу двете држави, но оценува дека Македонија престанала да го почитува пред една година. Усвојувањето на Рамковната позиција, истакна тој, било потсетување за Скопје дека доколку не спроведе сѐ од договорот, Бугарија нема да го поддржи почетокот на првата меѓувладина конференција на ЕУ со Македонија.

Прашан дали Македонија ќе стане дел од ЕУ, Каракачанов порача дека тоа зависи од самите Македонци и нивниот однос кон заедничката историја, односно дали ќе продолжат, според него, да шират лажни информации, Бугарите да ги нарекуваат фашистички окупатори, да ја искривуваат историјата, да лажат за потеклото на Бугарите и притоа да бараат поддршка од големите земји:

„Со размислување во духот на Коминтерната и со такво тропање на масата, ништо од тоа нема да се случи. Тие тропаат на многу врати, не само на вратата на Германија. Не им служи на чест тоа што доаѓаат во Бугарија и бараат да разговараат за пронаоѓање на компромис, а потоа одат во Брисел и други европски престолнини и зад наш грб зборуваат неточни и навредливи нешта за Бугарија“, изјави бугарскиот министер за одбрана.

Делејќи лекции за „европско однесување“, Каракачанов немаше проблем во негов „стил“ да го негира македонскиот јазик:

„Тие можат тој јазик – кој го нарекуваат македонски, утре да го нарекуваат илирски под притисок на Албанците кои се 30% од населението, со истата ревност. Тие можат да го нарекуваат и есперанто; тој јазик е едно балканско есперанто – српски зборови, турски зборови на основа на западнобугарски дијалект. За науката, меѓутоа, тој си останува бугарски јазик, бугарски дијалект. Има региони во Бугарија во кои зборуваат понеразбирлив дијалект отколку во Скопје“.

Во однос на идентитетот, Каракачанов порача дека Бугарија не ги принудува Скопје и Македонците да се откажат од него, но дека тој „нов национален идентитет“ треба да го градат од моментот „на создавањето на доктрината за македонска нација – во 1944 година, наложена со оган и меч од Титова Југославија“.

 

 

- Реклама -