Македонската фудбалска репрезентација има шанси во овој квалификациски циклус да се пласира првпат на едно Светско првенство. За такво нешто неопходна е победа вечерва против Казахстан во натпревар кој се игра на Националната Арена „Тодор Проески“ со почеток во 20:45 часот. Се освен победа ќе го сруши сонот наречен „Мундијал“ за македонскиот национален тим, кој вторпат по ред има голема шанса да обезбеди историски пласман на Светското првенство, откако на минатото загуби во финалниот бараж од Португалија.
Мечот со Казахстан доаѓа во миговите кога Македонија со нерешен резултат и без примен гол се враќа од гостувањето кај првиот фаворит Белгија.
Селекторот Благоја Милевски на вчерашната прес-конференција истакна дека не очекува да има замор кај играчите, и рече дека секој фудбалер е подготвен да го даде максимумот.
„Секој натпревар е важен, секој следен е најважен, така што Казахстан ни е најважен натпревар затоа што е прв на менито. Се согласувам дека ќе биде и тоа како тешко, покажа ривалот и на првиот меч дека е квалитетен тим. Малку ќе ни биде тешко за анализа од фактот што имаат нов селектор, мислам дека сме подготвени да одговориме на секој вид предизвик и се надевам дека сите ќе бидеме спремни да одговориме на утрешниот предизвик. Овие момци без разлика на тоа што се случува во минатото и дали играат или не, кога играат за репрезентацијата никаков умор ниту нешто друго може да ги поремети“, изјави Милевски.
Какви се математиките пред претпоследното коло за Македонија во квалификациите? Ако Македонија сака директен пласман на Мундијалот, тогаш вечерва покрај победа над Казахстан, треба и Велс да ја победи Белгија, а потоа македонската селекција да го совлада Велс на гостински терен во последното коло. Во случај на победа на Белгија вечерва на гостувањето во Велс, ќе биде во предност, затоа што во последните две кола Белгијците играат со Лихтенштајн и со Казахстан, дуели кои би требало да ги добие и со тоа би го заземала првото место, а ние со Велс би се бореле за втората позиција и бараж за Мундијал. Во тој случај во последното коло не треба само да загубиме во Кардиф, и второто место ќе биде обезбедено.
Македонија вечерва најверојатно ќе биде без услугите на Висар Муслиу, кој се повреди на дуелот со Белгија и го пропушти вчерашниот тренинг. Во селекцијата се враќа Бојан Илиевски, кој ја одлежа суспензијата поради жолти картони.




