Ќе се замрзнат цените и на тестенините и млечните производи, нема милост за пекарниците, а без субвенции можат да останат и водоводните претпријатија

Министерството за економија речиси ги заврши анализите за замрзнување на цените на дел од производите, особено за тестенините и млечните производи. До крајот на неделата или наредната недела ќе се носат одлуките, најави вечерва министерот за економија Крешник Бектеши.

Во „Тема на денот“ на телевизија „Сител“, тој истакна дека откако ќе ги завршат анализите ќе ја информираат Владата и, како што рече, ќе се анализираат сите производи наведени во одлуката на Владата за замрзнување на трговската маржа.

Во однос на производителите на леб, Бектеши обвини дека токму тие компании кои излегоа на прес-конференција во понеделникот, истите тие продавале леб навечер по цена од 50 денари, работеле спротивно на законите, не давале ниту фискални сметки.

„Јас сум убеден и, како Влада почнувајќи од премиерот, отстапки никакви нема да има. Во делот на тужбата секој има право да тужи, демократска држава сме, но немало никаков притисок, а тие не знаат како да избегаат од тоа што го направија“, рече Бектеши, повикувајќи ги институциите да направат контроли на „нечесните производители“.

Прочитајте и:  Владата ќе му позајми на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

Бектеши е категоричен и дека додека актуелното раководство е на чело на Министерството за економија, овие компании нема да можат да имаат средба со нив, бидејќи, како што рече, „дента кога ја најавија мерката, истите ја прекршија додека работеа на црно“.

Министерот најави дека ќе се укинат и субвенциите за електрична енергија кај јавните комунални претпријатија, доколку сакаат да ја зголемат цената на водата.

„Ако продолжат тоа да го прават, јас најавувам дека и за нив ќе се укине субвенционираната електрична енергија“, рече Бектеши.

Извор: МИА

- Реклама -