Украинската војска соопшти дека ќе го разгледа сопствениот извештај за наводната смрт на командантот на руската Црноморска флота, Виктор Соколов, откако денеска тој се појави во видео од онлајн состанок со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и други армиски старешини. Медиумите пренесуваат дека Соколов се појавил само кратко и не зборувал, но „изгледал жив“, иако не може да се потврди од кога се „фотографиите“.
„Бидејќи Москва објави слики со навидум жив Соколов, нашите единици повторно ќе ја проверат информацијата“, соопшти единицата за специјални сили при украинското Министерство за одбрана.
Киев соопшти дека 34 руски офицери биле убиени во нападот со крстаречка ракета во петокот. Многу од нив сè уште не се идентификувани, но воени извори првично потврдија дека меѓу жртвите е и Соколов.
Извор: МИА