Киев: Путин подготвува нова голема офанзива во февруари

Рускиот претседател Владимир Путин се подготвува за голема офанзива во новата година, и покрај тоа што Русија забележа низа неуспеси на бојното поле во последните месеци од инвазијата, тврдат високи украински функционери.

Украина сега може успешно да се одбрани од руските ракетни напади насочени кон клучната инфраструктура, но и покрај тоа, постојат докази кои сугерираат дека Кремљ подготвува нова офанзива, изјави украинскиот министер за одбрана, Олексиј Резников, откако претходно слични изјави имаа и други високи официјални лица, вклучително и претседателот Володимир Зеленски, првиот човек на украинските оружени сили – ген. Валериј Залужни, како и началникот на копнените сили – Олександар Сирски.

Според „Гардијан“, се чини дека изјавите се дел од поширок, координиран напор да се предупредат западните сојузници да не се опуштаат и да се потцрта и натаму постоечката закана што Русија ја претставува за Украина.

Конкретно, Резников очекува офанзивата да започне во февруари (за потсетување, инвазијата започна на 24 февруари), но некои од украинските лидери сметаат дека би можело да се случи веќе во јануари. Резников посебно ја потенцираше делумната мобилизација на 300.000 руски војници и резервисти, оценувајќи дека половина од мобилизираните, по минимална обука, се користат за борбените дејствија на фронтот, додека останатата половина темелно се подготвува за идна офанзива.

Прочитајте и:  НАТО и Киев закажаа состанок: Руското експериментално оружје нема да има ефект во конфликтот, ниту ќе ги одврати сојузниците од поддршката за Украина

„150 илјади војници мобилизирани во втората фаза ја започнаа обуката во разни кампови. На регрутираните војници ќе им требаат најмалку три месеци да се подготват. Тоа значи дека Русите ќе го започнат следниот бран на офанзивата веројатно во февруари, како и минатата година. Тоа е нивниот план“, изјави Резников.

Тој очекува дека Русија ќе продолжи да ги мобилизира Русите и вон спроведената делумна мобилизација. Според него, стратегијата на руските команданти во основата е како „машина за мелење месо“, при што целта е да се испратат што поголем број војници на фронтот, со цел да се осигура победа единствено преку надбројност.

- Реклама -