Кина: До 10% од излечените повторно се позитивни на коронавирусот

Додека кинеските власти стравуваат од втор бран на епидемијата на Ковид-19 предизвикан од луѓето што се враќаат од другите земји по олабавувањето на карантинските мерки, ново истражување покажува дека меѓу 3 и 10% од излечените пациенти повторно се позитивни на тестовите за коронавирусот, пренесува британскиот „The Sun“.

Истражувањето е направено од докторите кои беа во првите борбени линии во епицентарот на сега пандемијата – Вухан.

Болницата Tongji, која го дијагностицираше првиот случај на Ковид-19 во земјата, потврди дека 5 од 145 пациенти – нешто над 3%, се повторно позитивни на тестови базирани на нуклеински киселини, пренесува државната CCTV.

Ванг Веи, директор на болницата, вели дека засега нема докази дека повторно инфицираните се заразни. Според него, петте пациенти кои биле позитивни на тестот немаат никакви симптоми и ниту еден од нивните блиски контакти не е заразен.

Освен тоа, Ванг истакна и дека истражувањето на слични пациенти покажало дека кај 80% до 90% од излечените, по еден месец од пуштањето од болница, нема никакви траги од вирусот во нивниот организам.

Сепак, Ванг истакнува дека ова се заклучоци од испитување спроведено на „мали примероци“ кои не се доволни за да ја потврдат нивната валидност.

„Ни треба епидемиолошка студија од голем размер, за да нѐ води во следењето и превентивата на болеста“, вели тој.

Истовремено, во други карантински објекти во Вухан забележано е дека 5 до 10% од нивните излечени пациенти се повторно позитивни на тестовите.

Овие заклучоци се објавени во медицинското списание Life Times, кое е поврзано со државниот кинески весник People’s Daily.

Претходна студија, спроведена во јужната кинеска провинција Гвангдонг, покажа дека до 14% од излечените повторно се позитивни на тестовите за коронавирус во подоцнежните проверки.

Сонг Тие, заменик директор на провинцијалниот Центар за контрола и превенција на болести, минатиот месец изјави дека нема јасен заклучок околу тоа дали повторно позитивните се сѐ уште заразни.

- Реклама -