Кина и Русија најавуваат соработка во Советот за безбедност: акцент на Ормутскиот теснец и прекин на огнот.

Кина објави дека е посветена на продолжување на соработката со Русија во Советот за безбедност на Обединетите нации, со цел да се намалат тензиите на Блискиот Исток. Како клучен чекор, се истакнува неопходноста од итен прекин на огнот. Оваа порака беше пренесена во разговорот помеѓу кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји и неговиот руски колега Сергеј Лавров.

Според Ванг, најважниот начин за решавање на ризиците во безбедноста на пловидбата е што поскоро да се постигне прекин на огнот. Тој нагласи дека Пекинг постојано се залага за политичко решавање на кризите преку дијалог и преговори, а не преку ескалација на конфликтот.

Овој разговор доаѓа пред гласање во Советот за безбедност, планирано за наредната недела, за предлог-резолуција на Бахреин која се однесува на заштита на трговските бродови во и околу Ормускиот теснец. Во тој контекст, Кина оценува дека постојаните членки на Советот треба да се однесуваат „објективно и избалансирано“ и да работат на обезбедување широка меѓународна поддршка.

Прочитајте и:  (Фото) Информации за бугарскиот камион кој се запали на патот Валандово–Струмица

Во последно време, Пекинг повеќе пати повика на прекин на борбите во регионот на Персискиот Залив и поширокиот Блиски Исток, истакнувајќи дека продолжените судири предизвикале сериозни нарушувања во Ормускиот теснец, една од најзначајните глобални рутите за транспорт на нафта и гас.