Кина поведе постапка против САД во СТО поради „дискриминаторски“ субвенции за електрични автомобили

Кина почна постапка против САД во Светската трговска организација (СТО) поради „дискриминаторските“ субвенции за производство на електрични автомобили, соопшти денеска кинескиот комитет при СТО.

Во соопштението се посочува дека Кина покренала постапка поради „во основа, дискриминаторски субвенции“ во американскиот Закон за намалување на инфлацијата (ИРА), што, како што наведуваат, резултираше со исклучување од американскиот пазар на стоки од Кина и другите членки на СТО.

„Под маската на одговор на климатските промени, намалување на емисиите на јаглерод и заштита на животната средина, (тие субвенции) всушност се условени со купување и користење на стоки од САД, односно увоз од одредени региони“, соопшти кинескиот комитет при СТО.

Кинеското Министерство за трговија бара од Вашингтон „веднаш да ги коригира дискриминаторските индустриски политики и да ја зачува стабилноста на глобалните индустриски и синџири за снабдување со нови енергетски возила“, изјави портпаролката на Министерството во Пекинг.

Прочитајте и:  САД го предупредиja Иран на сериозни последици во случај на нов напад врз Израел

Кинескиот одбор објави дека иницира постапка пред СТО „за да ги заштити легитимните интереси на кинеската индустрија за електрични возила и да ја зачува еднаквата конкуренција на глобалниот пазар“.

Претставник на СТО потврди дека го добиле барањето на Кина за консултации на оваа тема, без да даде дополнителни детали.

- Реклама -