Кинескиот премиер Ли Кечијанг нема да биде во новото раководство на владејачката партија

Пекинг, 22 октомври 2022 (МИА) – Кинескиот премиер Ли Кечијанг, поранешен број два во раководството на Кина и главен поборник за економски реформи, е еден од четворицата членови на моќниот седумчлен Постојан комитет на Политбирото на Комунистичката партија на Кина, кои нема да бидат повторно именувани во телото.

Нивните имиња не се најдоа на списокот на новиот состав на 205-члениот Централен комитет на Комунистичката партија на Кина, објавен денеска на крајот на партискиот конгрес.

Во Постојаниот комитет можат да бидат само членови на Централниот комитет.

Владејачката Комунистичка партија на Кина денеска одобри амандман на нејзините правила што може дополнително да ја зајакне позицијата на Си Џинпинг како лидер на Кина и да му овозможи трет петгодишен мандат . Очекуваниот потег е направен на завршната седница на еднонеделниот конгрес на партијата, на кој се одредува политиката за следните пет години.

Текстот на амандманот не беше веднаш објавен, но пред да биде одобрен, беше прочитано образложението зошто е усвоен и неколкупати беше споменуван Си и беа споменати неговите достигнувања во зајакнувањето на армијата и економијата и зајакнувањето на авторитетот на партијата.

Во кратката изјава на затворањето на конгресот, Си рече дека прегледот покажал „јасни потреби за поддршка и зајакнување на целокупното раководство на партијата“.

На претходниот конгрес, во 2017 година, партијата го подигна статусот на Си со вклучување на неговите идеи, познати како „Мислата на Си Џинпинг“ во партиската повелба.

Прочитајте и:  Македонските државјани од 30 ноември во Кина ќе патуваат без визи

Околу 2.000 делегати, сите носејќи маски според строгата кинеска политика на нулта толеранција за Ковид, избраа нов Централен комитет од 205 члена што ќе управува со партијата во следните пет години, објавија државните медиуми.

Се очекува Си да остане на чело на партијата, а имињата на новото раководство треба да бидат објавени утре.

На странските медиуми не им беше дозволено да присуствуваат на првиот дел од состанокот, веројатно кога се гласаше. Извештајот што Си го прочита на отворањето на конгресот пред една недела ја покажа решеноста да се остане на сегашниот пат и да се соочи со домашните и меѓународните предизвици.

Во првата деценија на власт, Си стана еден од најмоќните модерни лидери во Кина, а со тоа и ривал на Мао Це Тунг, кој ја основа комунистичката држава во 1949 година и ја водеше земјата четвртина век.

Делегатите на 20-от конгрес на кинеската Комунистичка партија одлучија денеска за првпат во уставот на партијата да вклучат формулација што укажува дека Пекинг е против независноста на Тајван, се вели во резолуцијата објавена на крајот од конгресот .

Конгресот „се согласува да вклучи одредби во уставот на партијата за…одлучно да се спротивстават и да ги одвратат сепаратистите кои бараат независност на Тајван“, се вели во резолуцијата. Во документот се вели дека треба да се спроведе курсот „Една земја – два система“.

- Реклама -