Chery поднесе официјална жалба против Mercedes поради плагијат и нарушена трговска марка, соопштува Reuters. Chery Automobile, еден од најголемите производители во Кина, тврди дека Германците им го зеле името EQ, под кое Mercedes планира да ја произведува идна гама на електрични возила. Chery веќе две години произведува градски автомобили со електричен погон, наречени eQ.
„Ако автомобил со името EQ влезе на кинескиот пазар, тоа ќе биде очигледно прекршување на нашата трговска марка“, истакна портпаролот на Chery. Компанијата поднесе тужба во националниот патент регулатор. „Имињата EQ и eQ се исклучително слични, а и двете се однесуваат на електрични возила“. Од Daimler, компанијата-мајка на Mercedes, засега одбиваат коментар на оваа тема. Евентуална забрана за продажба во Кина ќе биде фатална за електричните амбиции на Германците, бидејќи тоа во моментов е најголемиот пазар за електрични возила во светот (оваа година веројатно ќе надмине по бројка сите останати земени заедно). Mercedes го претстави првиот прототип од серијата EQ минатата есен во Париз и најави дека до 2025 тоа ќе следи посебна палета од минимум 10 различни модели.
Иако сериозниот карактер на веста има и малку комичен елемент – нешто како автомобилски еквивалент на она „човек гризна куче“. Кинеските автомобилски производители со години се обвинуваат за бескрупулозните прекршување на комерцијални и авторските права, особено што се однесува до дизајнот и технологијата на погон. Обидите на европските производители да ги заштитат своите права во кинескиот суд досега секогаш наидуваат на бариери. Дури кај практично идентични модели кинеските судии или одбиваат да забележат сличноста или пропишуваат дека копирањето на елементи од дизајнот не кражба, туку начин да се оддаде почит на оригиналниот автор.