Кино проекција на отворено во Гостивар – „Те дуа, жими мене“

На 5 септември, со почеток од 20 часот, во градскиот парк во Гостивар, ќе се одржи филмска проекција на отворено како дел од одбележувањето на Денот на независноста на Македонија – 8 Септември. Со овој настан започнува одбележувањето на празникот, кој ќе биде збогатен и со низа други настани.

Пред гостиварската публика ќе биде прикажана урнебесната комедија „Те дуа, жими мене“, во режија на Марјан Гавриловски и сценарио на Никола Кузелов, кој истовремено ја толкува и улогата на главниот лик, Кокан. Во филмот настапуваат и Атанас Атанасовски, Валентин Видовиќ и Ангела Стојановска.
„Те дуа, жими мене“ е најгледаниот македонски филм за 2023 година и истовремено најгледаниот филм во историјата на Синеплекс во Македонија.
Филмот, кој се занимава со суштината на меѓучовечките односи, обработува различни теми како лажна љубов, пријателство, религија, феминизам, криминал, и вистинска љубов, нудејќи оригинална социјална комедија која ќе ги насмее гледачите.
Организаторите ги покануваат граѓаните да бидат дел од оваа проекција, на несекојдневен начин заедно се прослави Денот на независноста на Македонија во пријатна атмосфера на отворено кино.
Филмот е во категорија (16+). Влезот на настанот е бесплатен.

Извор