Кисинџер: Славењето на нападот на Хамас во Германија укажува дека дозволила премногу странци да влезат во земјата

Поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер смета дека нападот на Хамас врз Израел кој се слави на улиците на Берлин укажува дека Германија дозволила премногу странци да влезат во земјата.

„Беше голема грешка да се пуштат толку многу луѓе од сосема различни култури и религии, бидејќи тоа создава група за притисок во секоја земја“, изјави Кисинџер за Политико.

Тој рече дека „отворениот акт на агресија на Хамас мора да се соочи со некаква казна“, истовремено предупредувајќи на опасност од ескалација на ситуацијата во регионот.

„Конфликтот на Блискиот Исток е во опасност да ескалира и да ги доведе другите арапски земји во конфликт под притисок на нивното јавно мислење“, рече Кисинџер.

Според него, вистинската цел на Хамас и неговите поддржувачи „може да биде само мобилизирање на арапскиот свет против Израел“.

Тој додаде дека постои можност Израел да преземе акција против Иран, доколку се утврди дека Техеран имал улога во нападот на Хамас.

Зборувајќи за ситуацијата во светот, Кисинџер рече дека руската агресија врз Украина и нападот на Хамас против Израел претставуваат „фундаментален напад врз меѓународниот поредок“.

Германскиот канцелар Олаф Шолц синоќа ги повика своите сонародници да покажат солидарност со еврејското население во Германија и да ја гарантираат нивната безбедност, осудувајќи ги ексцесите за време на пропалестинските собири.

„Барам поддршка од сите граѓани за заедно да ја гарантираме безбедноста на нашите еврејски сограѓани и за тоа мора да се солидаризираме со нив“, изјави германскиот лидер за телевизискиот канал АРД.

Прославата на членовите на арапската заедница во германските градови по нападот на Хамас во Израел предизвика гнев во германското општество и повици за забрана на организациите на кои им се припишува блискост со терористичката организација Хамас.

Прочитајте и:  Борел го повика Израел да го поддржи предложениот договор за прекин на огнот во Либан

Пропалестинската организација Самидун во саботата организираше прослава во берлинскиот кварт Нојкоелн по нападот на Хамас на израелска територија. Во таа област живеат голем број членови на арапската заедница.

Полицијата во понеделникот го забрани протестот најавен за вчера со 250 учесници, со образложение дека постои опасност од нарушување на јавниот ред и мир. И покрај тоа синоќа во населбата Нојкоелн се собраа околу сто луѓе во знак на поддршка на Палестинците.

– Не можеме да го прифатиме тоа, истакна Шолц, во врска со антисемитските пораки што се слушаа на пропалестинските демонстрации.

Весникот Билд синоќа јави и за инциденти на произраелските демонстрации во Кемниц на истокот на Германија, кои ги предизвикале пропалестински демонстранти.

Денеска, пак, германскиот канцелар соопшти дека неговата Влада ќе ги забрани активностите на палестинската милитантна група Хамас во таа земја.

Освен тоа, ќе бидат забранети активностите на пропалестинското здружение „Самидун“, откако неговите членови ги прославија „најбруталните терористички акти на улиците“.

Шолц го критикуваше Иран за поддршката на палестинската милитантна група Хамас и рече дека ќе работи со регионалните сили за да се обиде да го запре натамошното насилство.

„Иако немаме цврсти докази дека Иран оперативно го поддржал овој кукавички напад, на сите им е јасно дека без иранска поддршка, Хамас никогаш немаше да може да го изврши овој напад без преседан“, рече тој.

Германија од викендот ја зајакна заштитата на еврејските институции во земјата.

Извор: МИА

- Реклама -