КК Гостивар се „пријави“ за кошарка во претстојната сезона 2024/25

По завршувањето на минатата сезона, тивкото и топло лето, спортските медиуми од земјава известија за старо-ново име на тренерското столче во КК Гостивар, односно дека тренерската функција ја презема стратегот од Кавадарци – Љупчо Малинков, што воедно значи дека клубот се подготвува и „пријавува учество“ во новата кошаркарска сезона од најелитното кошаркарско натпреварување во Македонија.

Покрај Малинков, од гостиварскиот прволигаш на Фејсбук во само неколку денови промовираа повеќе кошаркарски имиња. Максим Митевски, Младен Грушановиќ, Ксавиер Родес, и најновото засилување искусниот Дарко Соколов се веќе играчи на КК Гостивар, со кои полека се формира ростерот за претстојната кошаркарска сезона.
Пред почетокот на сезоната 2024/2025, значително е да се спомене дека по 7 години клубот го напушти Тома Стојаноски, кошаркарот кој цела своја младинска и сениорска кариера ја изгради дома, во Гостивар, гордо носејќи ги и „бело-синиот“ и националниот дрес, прераснувајќи во своевремен симбол на гостиварската кошарка и успешен пример на младите спортисти од Гостивар.
Тома (20), во гостиварската кошаркарска аналитика ќе биде запишан и како најмлад играч кој официјално настапил за првиот тим на КК Гостивар во поновата историја на клубот (со 15 години и 7 месеци).
Во сениорскиот дрес на КК Гостивар, постигна 227 поени на 63 натпревари.
Стојаноски кариерата ја продолжува во ТФТ Скопје.

Новата сезона во македонскиот шампионат треба да започне кон крајот на месец септември.

Извор