„Тешко е да се утврди колкава е вкупната штета од овие злоупотреби, бидејќи правиме проценки во различни сегменти. На болница надвор од Скопје, во првиот месец по промената на директорот само по основ на преекувремена работа имаме скратени трошоци за 30 илјади евра за еден месец“, вели директорот на Фондот за здравство
Злоупотреби на плати и надоместоци во здравствените установи биле констатирани со години наназад, но никој не реагирал. И сега со вонредните контроли утврдивме такви состојби. Ова денеска во Дневникот на ТВ Сител го изјави директорот на Фондот за здравствеено осигурување Сашо Клековски, зборувајќи дека првите месеци откако е на чело на оваа институција ги поминува во средби со раководствата на здравствените установи, но и на сите чинители во здравствениот сектор, како и дека е утврдена ситуација на големи долгови и злоупотреби.
„Директор користел патни трошоци од речиси 500 илјади денари во 10 месеци за што нема никаков документ. Друг директор си ја зголемил платата за 400 илјади денари за една година за што нема никаква законска основа. Во Центар за јавно здравје се исплаќале плати врз основа на колективен договор што не постои, значи се давале измислени плати“,
вели Клековски.
Според него, во моментот се фокусираат на проверка на јавните здравствени установи со најголеми долгови, со цел, како што вели, да ги утврдат причините како и зошто настанале тие долгови.
„Тешко е да се утврди колкава е вкупната штета од овие злоупотреби, бидејќи правиме проценки во различни сегменти. На болница надвор од Скопје, во првиот месец по промената на директорот само по основ на преекувремена работа имаме скратени трошоци за 30 илјади евра за еден месец“,
рече тој.
Посочи дека долговите во клиниките на Клиничкиот центар во Скопје не се секаде настанати поради злоупотреби.
„На пример, Онкологија нема планирано соодветна терапија, зашто со буџетот немало план за иновативни лекови и се задолжувале. На различни места има различни примери“,
вели директорот.
Во план е, како што рече, долгот од пет милијарди на јавните здравствени установи да се намали, за да можат следниот период да се фокусираат на подобрување на здравствените услуги.
На прашањето дали ќе има пари за онколошка терапија, Клековски е дециден и вели дека терапија мора да има за сите.
„Целата програма на иновативни лекови на Онкологија мора да има и ќе ја има. Една од најкрупните интервеенции ќе биде на Онкологија. И не само на Онкологија“,
рече тој.
За лекувањата во странство, рече дека Фондот покрива околу 250 до 300 случаи годишно што се лекуваат во странство, вклучувајќи ги и приватните болници кај нас. Најчесто се упатуваат на лекување е Турција.
„За тоа одвојуваме околу 5,5 милиони евра годишно. Обично граѓаните бараат да одат на лекување на странство бидејќи ја имаат изгубено довербата во нашиот здравствен систем. И таа доверба мора да се врати. Многу лесто се случува дел од тие лекувања да се без медицински докази. Најчесто, се работи за лекувања со матични клетки, за кои се уште нема доволно научни докази дека помагаат, Конзилијарните комисии не можат да предложат лекување ако нема медицински докази дека таа терапија помага. Апелирам пациентите да се обратат во Фондот да се обратат да помогнеме да ја поминат процедурата и доколку ги исполнуваат законските услови да им се одобри лекувањето“,
вели Клековски.