Кличко: Граѓаните на Киев треба да размислат за привремено заминување, останатите да подготват залихи

Киев се соочува со можни прекини на струја и прекини во водоводните и топлинските мрежи предизвикани од руските удари. Жителите на главниот град треба да подготват залихи и да размислат за привремено иселување, изјави синоќа градоначалникот на главниот град на Украина – Виталиј Кличко, за украинската државна телевизија.

Тој го опиша тоа како најлошото можно сценарио.

„Правиме сè што можеме за да се осигураме да не дојде до ова. Но, сакаме да бидеме отворени. Нашите непријатели прават сè што можат за да го остават овој град без греење, без струја и без снабдување со вода – накратко, сите да умреме“, потенцираше Кличко.

Тој процени дека во градот има околу три милиони луѓе, вклучувајќи 350.000 внатрешно раселени лица.

Прочитајте и:  Рускиот напад со интерконтинентална ракета ги подигна полските борбени авиони

Киев се обидува да ја стабилизира својата електрична мрежа со повремени затемнувања што оставаат делови од градот во темница неколку часа и поставува 1.000 помали топлани во случај да падне топлинската мрежа.

Кличко, воедно, го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека сака да ја уништи Украина како нација.

„На Путин не му требаме ние Украинците, му треба регионот, му треба Украина без нас“, оцени градоначалникот на Киев.

Извор: МИА

- Реклама -