Во Францускиот институт во Скопје вчера попладне се одржа книжевна средба со Катарина Лоа ван Хоф, основач на француската издавачка куќа „Les Argonautes“, и Лали Бернар, книжевен агент, во чест на 50-годишнината на Францускиот институт во Скопје, а како дел од програмата на 12. издание на Фестивалот „Про-за Балкан“.
Тема на средбата беше издаваштвото во Франција. Настанот е прв во редицата настани за претстојната сезона, кои се организираат во чест на 50 годишниот јубилеј.
Во рамките на книжевната средба, Катарина Лоа ван Хоф и Лали Бернар говореа за нивните професионални ангажмани, за издаваштвото во Франција, како и за предизвиците на младиот автор во процесот на издавање литературно дело.
Настанот го модерираше Иго Бештел, директор на Францускиот институт во Скопје.