Коби Брајант: Напорната работа не е доволна, треба да си манијак

Во неговата дебитантска сезона во Лејкерс во 1996 година, Коби помина само пет минути во игра против Хјустон Рокетс, и одбележа само два поена. Беше тоа разочарувачки меч.

„Морав да работам понапорно“, напиша Коби во статија за The Players’ Tribune. Така и направи. Три години подоцна, меѓутоа, се сеќава Брајант, една друга кошаркарска легенда – Ален Ајверсон, постигна 41 поен и 10 асистенции додека беше чуван токму од Брајант.

„Очигледно, напорната работа не беше доволна“, рече Коби. „Морав да бидам опсесивен, да бидам манијакален, и да го проучам овој човек“. Така и направил. „Се поманијачив и го прочитав секој напис и книга за Ајверсон. Опсесивно ја гледав секоја партија во која играше. … Бев опседнат и го проучував секој негов успех и секоја пречка што ја надминуваше. Опсесивно ја барав секоја слабост што можеше да се најде“.

Манијачкото однесување на Брајант се исплатеше. Година подоцна, тој доби втора шанса да го чува Ајверсон. Во тој меч, Ајверсон ниту еднаш не поентираше „на негова смена“, се сеќава Коби. „Кога почнав да го чувам Ајверсон, тој имаше постигнато 16 поени во првото полувреме. Го заврши мечот со 16 поени“.

„Тоа беше слатка одмазда. Меѓутоа, по мечот не чувствував задоволство. Бев лут од фактот што Ајверсон воопшто направи да се чувствувам така“.

Оттогаш, Брајант решил на секој меч да му пристапува како да се работи за живот или смрт, пишува тој. „Никогаш и никому нема да му дозволам пак така да ми го контролира фокусот“, си ветил. Во продолжение, Коби освојува пет титули со Лејкерс, од вкупно 20 сезони во НБА.

* * *

Лекцијата на Брајант не се однесува само на кошарката, туку на успехот, генерално. Затоа и ќе ја сретнете и надвор од НБА. Претприемачот Грант Кардун, на пример, има напишано книга со наслов „Биди опсесивен, или биди обичен“. Во неа пишува дека опсесијата е клучна за постигнување на големи успеси.

„Секако, можеш да бидеш успешен и без да бидеш опседнат со нешто“, вели Кардун, „но не можеш да го постигнеш степенот на успех за кој зборувам, ако не си опсесивен“.

Тоа е најчестата заедничка карактеристика на супер-успешните луѓе во светот, додава тој.

- Реклама -