Кочо Анѓушев на „црната листа“ на САД: „Вицепремиерската положба ја злоупотреби во корист на неговите приватни деловни интереси“

САД го означуваат Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер на земјава, како генерално неподобен за влез во Соединетите држави, поради неговата вмешаност во значителна корупција, соопштија денеска од американскиот Стејт департмент.

„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси“, се наведува во соопштението објавено од Стејт департментот.

Денешната акција, се вели во соопштението, покажува дека САД стојат со оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери.

„Оваа ознака ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ“, објавено е на веб страницата на американскиот Стејт департмент.

Прочитајте и:  Агелер: Црната листа е многу динамична - постојано се разгледуваат имиња и едвај чекаме да додадеме нови

На црната листа на САД, поради корупција, претходно се најдоа и Никола Груевски, Сашо Мијалков, Рамиз Мерко, Орце Камчев, Ратка Камчева и Сергеј Самсоненко.

МИА

- Реклама -