За дамите од високата класа во Европа во 16-ти век, да имаш тен, особено на лицето, значело дека си работела надвор, веројатно на поле, и следствено – веројатно си сиромашна. Па, за да се осигураат дека кожата нема да им потемни и никој нема да се двоуми околу нивниот висок статус, дамите од тоа време носеле специфични маски наречени визарди, со кои ги покривале лицата. Арно ама, маските ем изгледале како да се наменети за припадници на некој мрачен култ, ем не им дозволувале да зборуваат.
Визардите биле многу едноставни маски, но сеедно, оставале силен впечаток. Низ историјата се најдени само неколку сочувани. Најсочуваниот примерок е „Маската од Давентри“, најдена во ѕидот на една камена зграда од 16-ти век, во близина на Давентри во Нортхамптоншир. Од маската јасно се гледа како бил конструиран еден визард: се состои од надворешен слој од црнo кадифе, под кој има неколку слоја од пресувана хартија, а под нив има внатрешен слој од свила. На овалното лице има испакнатина за да се прилагоди на носот, а на местото на очите и устата има мали отвори.
Заедно со маската е најден и мал стаклен „бисер“, кој се закачувал со конец на внатрешната страна на визардот, зад дупката за устата. Наместо маските да бидат прикачени со надворешни ремени и слично, жените го загризувале овој „бисер“ (некогаш и копче) со забите, и така ја држеле маската на лицето. Тоа значело дека ако сака да зборува, дамата морала да ја тргне маската. Така, споредниот ефект од маската бил тоа што богатите жени многу повеќе молчеле. На молчењето тогаш (во времето на Елизабета, кога визардите биле најпопуларни) се гледало како на дополнителен слој мистерија врз карактерот на дамата.
Една од најраните референци за такви маски доаѓа од еден текст од 1575 година, наречен „Description of England in Shakespeare’s Youth“. Во него, авторот опишува како носењето маски почнало во Англија откако трендот почнал од Франција. Некое време откако започнал трендот, визардите важеле за висок моден детал меѓу богатите и општествено активните дами. До толку, што еден од малкуте останати примероци од визарди е всушност акцесоар за кукла, а не вистинска маска. Тоа значи дека визардите станале до толку популарни, што биле инкорпорирани и во детските играчки.
Сепак, неизбежната морничавост на празната, црна маска за лицето, не им се допаднала на сите.
Во 1583-тата, христијанскиот полемичар Филип Стубс објавил памфлет наречен „ The Anatomy of Abuses“. Меѓу разните други теми (едно поглавје е насловено „Околу злото и казната на курварлукот“), Стубс зборува и за визардите, во негативна конотација:
„Кога одат да јаваат во странство, тие имаат визири направени од кадифе, со кои ги покриваат лицата, оставајќи мали дупки за очите, низ кои гледаат. Па кога маж кој не ја познава маската од порано, би сретнал една од нив, би помислил дека сретнал чудовиште или ѓавол, бидејќи не гледа никакво лице, туку две дупки пред нејзините очи, со стакла во нив“.
И покрај непријатната глетка и замолчувањето на дамите, визардите останале во мода, се смета, сé до 17-от век, пред да исчезнат во историскиот заборав. Слични маски, додуша, се среќаваат и во некои слики од 18-от век. Како и да е, визардите остануваат да бидат еден од најстрашните модни моменти во историјата…
Приказнава, за жал или за среќа, ќе ја завршиме како исклиширан хорор филм, во кој кога мислиш дека злото конечно е искоренето, повторно се јавува во последната сцена. Во нашиов случај, воскреснува токму визардот, во малку поинаков облик, во денешно време, во Кина.