Кога Либија бомбардираше диско во Германија, а САД ја бомбардираа Италија

untitled-design-58-1[1]

Во 1986 година, Либија бомбардираше дискотека во Германија. На тоа, САД возвратија со бомбардирање на Италија. Не цела Италија, се разбира. Само мал дел од неа – дел што денес е под вода.

Сé почна кога либискиот лидер – Моамер Гадафи, во 1978 година реши дека на неговата земја ѝ е потребен социјализам. Со оглед на Студената војна која беше во тек, Америка не беше среќна. Од друга страна, на Гадафи не му беше гајле.

Моамер Гадафи во 1973 година.
Моамер Гадафи во 1973 година.

Прво почна да елиминира дисиденти – и тие од Либија, и тие што избегаа. Потоа почна да фундира анти-американски, анти-британски и анти-израелски групи ширум светот, вклучувајќи ги муслиманските сепаратисти на Филипините, терористичката ИРА во Ирска, Црните пантери во САД, палестинските герили и други.

Исто така, тој го зголеми влијанието и вмешаноста на Либија во соседната – богата со ураниум – Чад, во која се водеше граѓанска војна уште од 1968 година. Гадафи не беше задоволен само со помагање на едната страна против другата; тој сакаше и северниот појас на Чад – Аозу, (Aouzou) да стане дел од Либија.

Целта не беше само да се зголеми либиската територија. Гадафи сакаше Либија да биде првата арапска нуклеарна сила во регионот. Со тоа, тој се надеваше да воспостави федерација од арапски и муслимански држави, со Либија на нејзино чело. За да има силен сојузник, Гадафи почна да „флертува“ со Советскиот сојуз.

Одговорот на Америка беше тоа што во 1979-та ја стави Либија на нивната листа на „држави – спонзори на тероризам“, и тоа беше сé. Либија беше трн во око, ама не и закана, па САД ги оставија нештата да се одвиваат слободно… Барем така беше до 27 декември во 1985-тата година.

Појасот Аозу.
Појасот Аозу.

Тој ден, четворица Арапи влегоа на аеродромот Леонардо да Винчи-Флумицино близу Рим во Италија. Во 8:15 утрото, тие фрлија неколку рачни гранати и стрелаа во случајно избрани луѓе – убивајќи 16 лица (од кои петмина беа Американци), а повредувајќи други 99 (меѓу кои и американски дипломат).

Отприлика во истото време, беше нападнат и интернационалниот аеродром во Виена. Нивната цел беа луѓето во редот што чекаше да се качи на летот за Тел Авив, Израел. Беа убиени тројца, а ранети 39 лица.

Одговорност презема организацијата Абу Нидал (Abu Nidal Organization – ANO). Тоа беше одмазда, рекоа тие, за израелското бомбардирање на канцелариите на Палестинската ослободителна организација (Palestinian Liberation Organization – PLO) во Тунис, на 1 октомври 1985-тата.

Америка ја обвини Либија дека ги снабдила терористите со оружјата и потребните финансиски средства. Иако Либија ги отфрли ваквите обвинувања, либискиот министер за надворешни работи ги пофали напаѓачите за нивните „херојски дела“.

Заливот Сидра.
Заливот Сидра.

Работите уште повеќе се вжештија во заливот Сидра, на северниот брег на Либија. Во 1973-та година, Гадафи воспостави зона од 62 наутички милји врз областа, а границите на зоната ги нарече „Линија на смртта“. За да биде сфатен сериозно, инсталираше радари и советски SA-5 копно-воздух проектилски батерии долж брегот. Америка тргна во акција обвинувајќи ја Либија дека го загрозува интегритетот на интернационалните води. Во јануари 1986-та, САД испратија воени бродови во областа, со единствена цел да ја поминат „линијата на смртта“.

Сé до 24 март, Гадафи не направи ништо. Но на тој ден, околу 6 часот наутро, Либија отвори оган врз американскиот USS Ticonderoga и неговата придружба од два уништувачи, промашувајќи ги. Американската морнарица возврати, и тоа прецизно – Либијците изгубија 35 луѓе, два брода и неколку проектилски батерии и радари. Американците не изгубија ништо, барем не тогаш.

800px-burning_libyan_corvette-640x426[1]

Цената ја плати едно германско диско, неколку недели подоцна. La Belle беше лоцирано во зградата Roxy-Palast во Западен Берлин, и беше омилено место за „висење“ на американските војници. На 5 април, во 1:45 по полноќ, во диското одекна бомба. Уби двајца американски наредници и една жена – цивил, а повреди 229 други – од кои 50 беа американски воен персонал. Притоа беше пресретната порака до либиската амбасада во Источна Германија, во која се упатуваа честитки за одговорните за нападот.

Тогашниот американски претседател Роналд Реган беше крајно бесен. Со поддршка од Конгресот, декларираше одмазнички напади врз Либија на 14-ти април. Но имаше проблем – не сите европски сојузници беа согласни.

Франција, Италија и Шпанија одбија да им дозволат на американските авиони да прелетуваат низ нивниот воздушен простор, за што Италија и Франција подоцна ќе ја платат цената.

libya_bombing_reagan_meeting_14_march_1986-640x426[1]

Америка се потпре на своите бази во Британија. Нападот врз Либија веќе беше одамна испланиран, уште во 1985-тата…Согласно со планот, една година порано од нападот врз Либија, Америка „ја нападна“ Канада. 10 поранешни тајни F-111E авиони стационирани во Кралската Авијација (RAF) на Upper Heyford воениот аеродром во Британија, полетаа за Канада, а на 18 октомври нападнаа лажна база во Њуфаундленд. Сето тоа се одвиваше со согласност на канадските власти, и всушност беше само генерална проба за евентуалниот напад на голема оддалеченост врз Либија. Операцијата беше наречена Operation Ghost Rider, и помина успешно (со исклучок на еден авион, кому една од 8-те бомби му се заглави на крилото).

Како и да е, една година подоцна, на 15-ти април, со вкупно 18 бомбардери и 4 електронски противнапаѓачки авиони – сите понови модели на F-111Е (заради дефектот во „нападот“ врз Канада), САД тргнаа кон Либија (операција El Dorado Canyon). Главната цел им беше Триполи. Притоа, заради забраната за надлетување од Италија, Франција и Шпанија, авионите не ја користеа планираната рута од 1985-тата, туку мораа да заобиколуваат за околу 2.100 километри.

Така надлетувајќи го Медитеранот меѓу Сицилија и Северна Африка, авионите забележаа нешто сомнително. Под површината на водата имаше огромна црна форма… и плус, од водата излегуваше чад?!

Мора да се либиски подморници… Ова ја изненади американската армија – Либија има подморници?! Од друга страна, Гадафи беше пријател со Советите, па мистеријата и не беше така чудна. И така, F-111E-еските фрлија длабочински експлозиви (depth charges) врз новата мета, па продолжија да летаат кон Либија.

Во 2 по полноќ (либиско време), паднаа првите 60 тона муниција. Дел од нив врз домот на Гадафи, ама и на француската амбасада. Ова второво наводно заради грешка, жими очи! Како и да е, примарните цели – аеродромските бази во Триполи и Бенина, воените бази во Баб ал-Азиза и Џамахирија, кампот Мурат Сиди Билал и одбранбените против-воздушни пунктови – беа погодени според планираното. Сé се заврши за 12 минути. Меѓу Либијците имаше 40 потврдени загуби. Меѓу нив и 15-месечно девојче – наводно посвоена ќерка на Гадафи (постојат сомневања дали воопшто постоела „ќерка“). За разлика од неговите два сина, Гадафи лично не беше повреден. За да биде поапсурдно, Гадафи прогласи победа над САД.

А подморниците? Либија никогаш не ни имаше подморници. Таа црна форма беше всушност италијанскиот остров Фердинандеа (иако Британците исто така го имаат присвоено, а го нарекуваат Graham Island).

map_of_graham_island[1]

На секои пар векови, островот се крева над морското рамниште, само за подоцна повторно да исчезне. На островот исто така има и активен вулкан – Емпедокле (затоа и изглегувал чад од морето).

Иако меѓународната заедница остро го осуди нападот врз Триполи, никој не се налути за бомбардирањето на тој мал дел од италијанската територија.

Извор: War History Online

- Реклама -