По изборниот пораз на Виктор Орбан, вниманието се насочува кон неговиот наследник – лидерот на Тиса, Петер Маѓар. Маѓар, 45-годишен адвокат, до неодамна беше интегриран во системот на власта. Работел на позиции поврзани со државните институции и важеше за лице близок до владејачките структури. Во јавноста долго време беше познат и како сопруг на поранешната министерка за правда, Јудит Варга, членка на Фидес.
Неговиот политички подем започна на почетокот на 2024 година, кога, во услови на скандал, објави аудио-снимка од разговор со Варга. Во таа снимка таа укажа на наводни интервенции од врвот на власта во обвинителски предмети. Овој потег означи драматичен раскин со постоечкиот систем и му донесе значајно внимание во јавноста.
Во краток временски период, Маѓар ја презеде рипостава на Тиса и формираше силно опозициско движење, кое привлекуваше гласачи разочарани од економската стагнација, растот на трошоците за живот и корупцијата. Во својата програма најави враќање на демократските механизми, подобрување на односите со Европската унија и деблокирање на замрзнатите фондови. Меѓу првите чекори, се истакнува и намерата за приклучување кон Европското јавно обвинителство.
Сепак, во дел од своите политики, Маѓар останува близок до Орбан. Застапува остар став за миграцијата, се противи на испорака на оружје за Украина и не зазема јасни позиции за одредени општествени прашања. Аналитичарите забележуваат дека, и покрај разликите, Маѓар и Орбан произлегуваат од сличен политички и идеолошки контекст, што остава многу отворени прашања за идната насока на Унгарија.
Она што е несомнено е дека со победата на Маѓар, земјата влегува во нова политичка ера по повеќе од една деценија доминација на Орбан.




