Кој е човекот што го расплака Александар Вучиќ (ВИДЕО)

На обраќањето во Ниш по повод две децении од почетокот на бомбардирањето на Србија од страна на НАТО, српскиот претседател го искористи своето „право да плаче“. Во и онака емотивниот говор, Вучиќ најемотивен беше додека зборуваше за српскиот подофицер Слаѓан Вучковиќ, кој во периодот на бомбардирањето ги загубил двете дланки.

Вучковиќ исто така се обрати на манифестацијата во Ниш. Тој порача дека никогаш не го заборавил ниту му простил на „агресорот“, како што ја нарече НАТО алијансата.

Во тој период, вели, ќерка му имала 10, а син му – 5 години.

„Поминаа 20 години од срамниот чин. Бев на терен во рамки на редовните активности. Како пиротехничар, задачата ми беше да ги уништувам убоитите средства. Наизглед мирното неделно попладне се претвори во агонија веднаш штом ни јавија дека почнало бомбардирањето. Не бев загрижен за себе, ѝ дадов заклетва на државата, но бев загрижен за семејството; беа сами, сопругата и двете деца“, раскажа тој.

По нешто над еден месец од почетокот на бомбардирањето, Вучковиќ бил испратен на Копаоник каде што го чистел теренот од касетни бомби. Уништил 106 бомби, но 107-мата, вели, му го променила животот.

Прочитајте и:  Вучиќ за Би-Би-Си: Никогаш не сме го признале Косово, нормализацијата значи дека го чуваме мирот

„Се сеќавам на експлозијата и чадот. Низ магла гледам дека немам десна дланка, за левата не знам… Крв ми се слеваше по лицето, но гледам дека колегите трчаат кон мене. Чувствувам болка во душата. До пред месец дена ги држев децата за раце, а сега нема да можам да ги погалам. Велат дека војниците не плачат. После неколку месеци од ранувањето, кога децата ми дојдоа во посета, плачев. Плачам и сега, во душата“, се обрати сега пензионираниот Вучковиќ.

„Тажно е што нема да можам да ги погалам, да ги учам да преминат улица… Плачам за секое дете,  за малата Милица, за трудницата од Ниш, за Сања од Варварин. Моите деца прерано станаа возрасни, се соочија со реалноста и злото кои ги носи војната. Затоа на НАТО агресорот никогаш не му простив, ниту заборавив што направи“, порача Вучковиќ, кој своето обраќање го заврши изразувајќи вечна благодарност и посакувајќи им вечна слава на „сите жртви кои ги даде Србија“.

- Реклама -