Колку пари печали ЈСП од рекламите што ги прекриваат прозорите на автобусите?

Поради тешкотии во работењето, скопското Јавно сообраќајно претпријатие идната година ќе треба да добие субвенции од 250 милиони денари. Една од причините за тоа е штетниот договор со фирмата „Маратон“ кој лани во јуни бил склучен од претходната градска администрација, го информираше вчера Советот на Скопје градоначалникот Петре Шилегов, пренесува „Независен.мк“.

Според договорот, во секое време ЈСП да мора да обезбеди одреден број автобуси на кои ќе бидат поставувани реклами на надворешната страна и на дисплеите внатре во возилата, што резултира и со целосно прекривање на прозорите, што ја попречува прегледноста за патниците. Многу граѓани се против таквите реклами:

„Граѓаните се чувствуваат како да се наоѓаат во тунел, покриени се и прозорците, па не знаат на која постојка се наоѓаат“, вели Јован Лазарев – советник од Социјалистичката партија.

Прочитајте и:  ЈО: Дадени се насоки на Управата за финансиска полиција да се испитаат постапките за јавни набавки за горивото за ЈСП

А колку заработува ЈСП од ваквото рекламирање? 1.000 денари месечно, информира Шилегов. За сите тие реклами во внатрешноста и надворешноста на автобусите, ЈСП добива минимален надомест од околу седум илјади денари, што е нелогична и неекономска сума, смета градоначалникот, бидејќи откако ќе се минусираат сите трошоци, на ЈСП од брендирањето на еден автобус му остануваат само илјада денари месечно.

„Договорот е склучен на десет години, но во моментов правиме сè да го раскинеме бидејќи е штетен. Дотогаш граѓаните ќе мора да се возат во тунел“, вели Шилегов.

За тоа колку субвенции ќе добие ЈСП во 2019-та, како и колку ќе чини бесплатното возење на пензионерите, прочитајте на „Независен.мк“.

 

 

- Реклама -