Поголема група Норвежани поминаа 30 саати читајќи ги условите за користење на апликациите за смартфоните. Ова е дел од кампањата покрената од страна на Агенцијата за заштита на потрошувачите.
Оттаму истакнуваат дека просечен Норвежанец има по 33 апликации на својот телефон, чии услови за користење заедно се подолги и од Новиот завет.
За да ја докажат апсурдноста на должината на тие услови, Агенцијата организираше читање на секој од овие договори во реално време на нивната интернет страница. Читањето е завршено по 31 часа, 49 минути и 11 секунди.
Биле избрани сосема стандардни и популарни апликации, вклучувајќи ги Нетфликс, Јутјуб, Фејсбук, Скајп, Инстаграм и Angry Birds.
По завршувањето на експериментот, Агенцијата ја повика софтверската индустрија да пишува пократки и појасни услови, како и да усвои единствен стандард за сите апликации.