Можеби уште вечерва ќе се активира Везув, можеби утре платите на Балканот ќе бидат 2.000 евра, можеби потоа и Кил ќе го освои Скопје, но една генерална вистина во ракометниот свет на денешниот ден – 22 април 2018 гласи вака: единственото финале кое го заслужуваме на 27 мај во Ланксес Арената е Вардар – Парис Сен Жермен, пишува Жика Богдановиќ во колумната за Balkan Handball.
Нема ништо случајно во ваквата победа на Вардар во најголемиот ракометен дом во Европа – мистката Шпаркасен Арена. Среќата, онака исклиширано речено, ги следи храбрите, но на таа вистина се осудени сите генерации новинари, и пред нашите, и после.
Кога водечкото бековско трио Борозан – Циндриќ – Кристопанс првиот гол ќе го постигне во 35. минута, кога головите од контранапад практично не постојат, кога противникот ќе ве надигра во транзиција, ќе ве претепа во позиционен напад со секогаш невиниот Винчек, кога Арпад Штербик ќе остане во сенка на Никлас Ландин… Тогаш обично и не морате да гледате во семафорот за да заклучите дека сте изгубиле.
Но, тоа со тимот предводен од Раул Гонзалес не е случај.
Ја нема таа бука од германските пензионери што влева „вода во уши“, нема губење на самодовербата и контролата. Нема играње во бранови, како што е тоа случај со „Зебрите“. Нема палење и гасење на Нилсон, Билик, Зарабец, Вујин, туку само едно ниво под кое може да се отиде механички, но не и суштински. Вардар е машина која не прегрева. Се вклучува во соблекувалната, се исклучува на пат кон аеродром.
Неверојатно е како секој поединец во Вардар, во секунда после својата грешка, знае каде и зошто погрешил. Таквиот степен на воиграност и познавање на својата работа, оваа група играчи ја прави да е еден од најдобрите тимови на деценијата. Има доста од нив кои не се светска класа и веројатно никогаш нема ни да бидат, но симбиозата на целината ги прави големи и против поголемите индивидуалци од нив.
Единствен адут на Кил за Скопје е Домагој Дувњак утре да се разбуди како она момче од 2013 година, да го поведе нападот и одбраната, да пресече 5 топки, а 10 пати да падне од 3 метри висина на глава, да стане, да ја истресе прашината и да продолжи понатаму. Се плашам дека таков Дуле до крајот на оваа сезона нема да гледаме.
Од Вардар можеме да видиме уште многу. Ова не е сé, не е 100%…