Комеморација во чест на новинарот Саше Димовски

Во Клубот на новинари денеска беше одржана комеморација во чест на починатиот новинар Саше Димовски. Покрај неговото семејство, присутни беа колеги од различни медиуми, судии, обвинители и пријатели, информираат од Здружението на новинарите на Македонија.

Говорниците на комеморацијата се осврнаа на почетоците и развојот на професионалната кариера, нагласувајќи го неговиот посветен пристап кон работата и непоколебливата заложба за откривање и пренесување на вистината.
„Неговата работа беше обележана со уникатен новинарски пристап, што го направи пример за многу млади новинари и колеги“, наведуваат од ЗНМ.
Како долгогодишен член на ЗНМ и претседател на Советот на честа при Здружението, како што е истакнато на комеморацијата, Димовски значително придонесе кон зајакнување на професионалните стандарди и интегритетот на новинарската професија во Македонија, особено преку неговиот „професионален рендген за најтемните ќошиња од секторот правда“.
„Под негово водство, Советот на честа при ЗНМ постигна значителен напредок во унапредувањето на етичките норми и заштитата на новинарските права, оставајќи  наследство кое ќе продолжи да влијае врз идните генерации новинари. Следствено, на комеморацијата се даде и идејата во иднина да се востанови награда за истражување во правосудството, која би го носела неговото име“, стои во соопштението од ЗНМ.
Саше Димовски работеше како новинар од 1996 година. Работниот век го мина во бројни  телевизии „Канал 5“, „Сител“, „Алфа ТВ“, ТВ „24 Вести“ како и во неделникот и дневниот весник „Фокус“ на позиција новинар и уредник. Соработуваше со повеќе дневни и неделни изданија, локални и регионални тв медиуми. Основач е на граѓанската организација и онлајн медиумот СВЕДОК од 2015 година.

Извор