Комисијата предлага целосен полициски час за Скопје, Тетово, Куманово, Липково и Штип, делумен и за сите други градови

На денешниот вонреден состанок, откако во изминатото деноноќие се регистрирани 101 новозаразени од Ковид-19 во земјава, Комисијата за заразни донела одлука да предложи враќање на полицискиот час за време на претстојниот продолжен викенд.

Како што дознаваат повеќе медиуми, Комисијата за заразни болести ќе предложи полицискиот час да трае од четврток во 21:00 часот до понеделник во 05:00 часот.

Притоа, Комисијата предлага движењето да биде забрането на целата територија на градот Скопје, односно за сите општини, како и во градовите Тетово, Куманово, Липково и Штип.

Полициски час е предложен и за останатите градови, со тоа што ќе почнува од 16 до 05 часот, секој ден.

Претходно „Алсат“ објави дека на состанокот, кој се одвиваше во проширен состав, се дискутирало за заострување на мерките – за враќање на полицискиот час и воведување на локални карантини во одредени региони во земјава, но и повторно затворање на угостителските објекти, како и за поригорозни мерки – забрана за одење на петочната молитва (џума-намаз) во џамиите, но и забрана за одење на гробишта за Задушница.

 

 

- Реклама -