Комуналниот работник што истураше ѓубре во Вардар е отпуштен од работа

Работникот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, кој деновиве стана (не)популарен на друштвените мрежи откако беше снимен додека сметеното ѓубре го истура во реката Вардар наместо во канта, остана без работа, информираат од претпријатието.

Оттаму велат дека работникот, ангажиран во Одделението за одржување на јавната чистота, сторил тежок дисциплински прекршок, а притоа сериозно го нарушил и угледот на ЈП „Комунална хигиена”, и поради тоа денеска е донесена одлука да биде отстранет од работното место.

„ЈП Комунална хигиена – Скопје перманентно работи на подигнување на нивото на хигиената и чистотата во градот Скопје, притоа бележејќи драстично процентуално зголемување на количествата на отстранетиот отпад од диви депонии, како и отпадот што се собира од домаќинствата и правните субјекти, во споредба со изминатите години. Седум дена во неделата, екипите на ЈП Комунална хигиена – Скопје во три смени го собираат и го транспортираат комуналниот отпад, истовремено одржувајќи ја хигиената и на шест милиони квадратни метри јавни и сообраќајни површини, што подразбира нивно секојдневно метење и миење.

Во овој контекст, би сакале да ве известиме дека ниту едно прекршување на работната етика и дисциплина, ниту пак обид за уривање на угледот на Претпријатието нема да бидат толерирани и против сторителите ќе бидат преземени најстроги казнени мерки“, соопштуваат од претпријатието.

https://www.facebook.com/makedonskivesnik/videos/549733012098694/

- Реклама -