Министерството за култура и туризам утре ќе ги објави Конкурсите за поддршка на проекти од национален интерес во културата на кои заинтересираните апликанти до 31 октомври ќе може да се пријават електронски преку националниот портал за е-услуги.
Министерот Зоран Љутков денеска на прес-конференција рече дека конкурсите се реформски и со промени во начинот на финансирање, со што, како што рече, се прави „квалитативен наместо квантитативен исчекор во културата“.
Новина е што прецизно е утврдено кој вид проект со колку средства максимално може да биде подржан, а промените се направени по анализи за досегашното финансирање, во консултации со засегнатите кои и досега се пријавувале на конкурсите и по укажувања на Државниот завод за ревизија.
„Оценката на проектите ќе се врши согласно исполнувањето на општите услови кои се исти за сите подносители на проекти, како и исполнувањето на посебни услови што се јасно утврдени за секоја област поединечно. Согласно видовите на проектите и во функција на транспарентна распределба на средствата, во пријавите во годишните конкурси оваа година прецизно е утврдено кој вид на проект со колку средства максимално може да биде поддржан. Повеќе нема да има огромни дискрепанции во поддршката на проекти од ист вид, туку согласно анализите на претходно реализираните проекти, ќе бидат субвенционирани реалните потреби и трошоци за проектите“, рече Љутков.
Во програмска смисла, новина оваа година е тоа што во годишните конкурси нема да се финансираат интердисциплинарните проекти и креативните индустрии и за нив Министерството, рече тој, ќе преземе други мерки и активности по препорака од Државниот завод за ревизија.
Министерот истакна дека буџетот за областите и активностите од културата за 2025 година е зголемен за 70 милиони денари и дека во првите 100 дена направиле, како што рече, вонредни напори со ребалансот на буџетот да ги сервисираат тековните обврски, со оглед на тоа што во јуни затекнале буџет во лоша состојба.
-Да не ги пренесуваме во наредната година и да ја започнеме 2025 година со обезбедени средства за поддршка на квалитетни проекти во функција на развој, промоција и афирмација на нашата култура, рече Љутков.
На располагање за помош на тие што ќе аплицираат со проекти ќе бидат одделенијата односно секторите во Министерството за култура и туризам кое на својата веб-страница ќе ги објави контактите на задолжените лица и нивните е-адреси.
Исто така, во Охрид, Битола, Штип, Струмица, Гостивар и Скопје, а по можност и во други градови, во наредните денови ќе бидат организирани информативни сесии во врска со пријавувањето за заинтересираните кои сакаат да аплицираат на конкурсите.