Кошаркарската репрезентација на Македонија од денеска се наоѓа во Орадеа, Романија, каде што во среда ќе го одигра натпреварот од претквалификациите за Светскиот куп во Катар 2027. По двата пораза од Романија во Куманово и од Унгарија во Солнок, јасно е дека неискуството и грешките на теренот ја доведоа нашата селекција во незавидна положба.
Стручниот штаб, предводен од селекторот Марјан Илиевски, одлучи за значајни промени во распоредот на активностите за време на престојот во Орадеа. Поради заморот во екипата, ќе има намален број на тренинзи. Наместо два утрешни тренинга, ќе биде одржан само еден „централен“, а слично ќе се постапи и наредниот ден.
Во план е и утрински тренинг на денот на натпреварот, кој ќе се одржи во Арената „Орадеа“. Натпреварот е закажан за 13. август (среда) со почеток во 18 часот.




