Фотографиите што ќе ги видите се од сиромашните села на Филипините. Ричард Даниелс сé уште работи на проектот, но веќе има фотографирано над 200 кошови и табли. Еден ден, се надева, овие села ќе доживеат прогрес, а импровизираните кошови ќе добијат свои модерни замени.
Гледајќи ги трошните куќи, ѓубрето и руралниот терен околу обрачите, на човек му станува јасно дека кошарката отсекогаш била најомилениот спорт на сиромашните. Кошарката не дискриминира – сé што ти требаат се раце (можеш да играш и во инвалидска количка), топка и метален круг поставен на високо. Се разбира, некој веднаш ќе протестира дека истото е случај и со фудбалот, кој веројатно и многу повеќе го играат. Но не е така. Головите во фудбалот можеш да ги импровизираш со два камења, или три подебели дрвени греди. Конструкцијата на импровизиран кош, од друга страна, бара малку повеќе труд и повеќе желба. А сепак, кош ќе видите во секое маало на планетава каде што има барем двајца млади луѓе.
Ова моево ќе звучи како приказна од некое рурално село, ама не е – пораснав во главниот град, во едно од помалку главните, но обични маала. Целото детство го поминав под кошаркарска табла од криво дрво и обрач што повеќе беше елипса отколку круг, затоа што го направивме од украдена метална прачка и затоа што вујкото на едно од децата се покажа како не баш највешт занаетчија. Мрежата менуваше бои секогаш кога ќе се скинеше, затоа што ја правевме од најлонско јаже за јајца. Плетката не можеше да биде поедноставна – составена само од вертикални и хоризонтални нишки, затоа што ја плетеа детски раце. Основа за кошот ни беше едно средно дебело дрво што денес е толку старо што ветровите му ги скршија сите гранки. Теренот беше од земја и прав, иако имавме обиди да го зацементираме со краден цемент и песок. Секој ден јадевме шамари од нашите, затоа што дома се враќавме извалкани како свињи што се валкале во кал. Ама тоа не нé спречуваше. Линијата за слободни ни беше тротоарот од улицата што ни го сечеше малиот „терен“. Аут ни беа контејнерите сместени на другата страна на тротоарот… И игравме. Игравме од 10 наутро, игравме во најжешкото во 2, игравме до 8-9 навечер, додека се гледаше. Тајм аут имавме само кога ќе поминеше кола.
Со сé поголемата урбанизација на веќе пренатрупаните градови, сé поретко се гледаат такви слики. Кошарка се игра на далеку помодерни игралишта, или во климатизирани сали и терени. Тоа е супер, и треба да се случува. Ама бројот на кошови, генерално, се намалува. Настрана смартфоните, компјутерите и децата што сé помалку време пополнуваат со спортот – кошарката станува еден вид привилегија. Треба да платиш. Треба да резервираш термин. Треба да извозиш пола град. А на крајот, кога конечно ќе стигнеш на местото и кога ќе застанеш на паркетот, сфаќаш…
… дека паркетот никогаш нема да биде така блескав како љубовта меѓу баскетџијата и кривото дрво на таблата.
З. П.