Костадинов: Мицкоски да се стреми да биде најпопуларен политичар, а не најпопуларен пациент

„Лидер, макар бил и на растурена партија каква што е ВМРО-ДПМНЕ, треба да стреми да биде најпопуларен политичар, не најпопуларен пациент во државата“, напиша денеска на Фејсбук портпаролот и пратеник на СДСМ – Костадин Костадинов, откако утрово лидерот на најголемата опозициска партија – Христијан Мицкоски, сподели дека поминал 12 тешки денови во борбата со коронавирусот и ѝ порача на власта дека ќе сноси одговорност за тоа што нема вакцини.

„Граѓаните, нас политичарите нѐ гласаат за политиките кои ги спроведуваме, никако не нѐ гласаат и не смеат да нѐ гласаат заради сожалување, како што мисли Христијан Мицкоски“, порача Костадинов.

На тоа следуваше одговор од неговиот ривал, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

„Нема лек за сите дијагнози, особено за твојата Костадине!“, му врати тој.

Но препукувањето без ракавици не се одвиваше само меѓу двајцата портпароли. Имено, СДСМ (со фотографија приложена во продолжение на текстот) ги обвини ВМРО-ДПМНЕ дека се радуваат за тоа што има болни пратеници, откако од опозицијата преку соопштение излегоа со став дека Заев нема кворум и нема мнозинство во Собранието, а „техничка влада“ барал затоа што е слаб.

„Заев нема кворум во Собрание, нема мнозинство, тој бара техничка влада затоа што е слаб.

Зоран Заев ја доведе државата и институциите до момент на нефункционалност. Желбата за власт по секоја цена ја закочи државата.

Прочитајте и:  Мицкоски: Од црвените линии не мрдаме ни милиметар, ако ЕУ сака да е заложник на Бугарија нека не остават да си ги решиме домашните проблеми

Собранието и вчера не можеше да функционира исто како што не може да функционира веќе месеци наназад. Институциите се сосема нефункционални. Заев гласајќи и мерејќи ја својата самодоверба, само си ги продолжи маките, и негови, но и на државата.

Заев знае дека тоне. Тој ја донесе Македонија до скоро 7 милијарди јавен долг, нови 55.000 невработени, 6200 затворени фирми. Нема вакцини, нема лекови по аптеките. Заев е неспособен и време е да си замине.

Влада со криминалци ВМРО – ДПМНЕ нема да прави“, порачаа утрово од најголемата опозициска партија.

„Катастрофално и ужасно е ВМРО-ДПМНЕ наутро да се радува што има заболени пратеници од коронавирусот, а попладне да глуми загриженост за јавното здравје.

Речиси цели 19 години државата нема спроведено попис како најважна политичка операција, и тоа токму поради ВМРО-ДПМНЕ, која потроши народни пари и го прекина пописот во 2011 заради партиски калкулации.

Пописот ќе се одржи оваа пролет, државата конечно ќе добие целосни, прецизни и релевантни податоци за натамошен развој. Државата, институциите покажаа капацитет во организирање на изборни процеси кои се целосно безбедни по здравјето, така ќе биде и со пописот. Веќе се донесени протоколите, здравјето и на попишувачите и на граѓаните ќе биде целосно заштитено додека трае оваа најважна статистичка операција“, вратија од СДСМ.

 

- Реклама -