Костадиновска Стојчевска: Да се одложат некои проекти во МКЦ додека не се реши статусот на хонорарците

Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска ги советува носителите на проекти во Младинскиот културен центар (МКЦ) – Скопје кои користат средства преку Министерството за култура  да ги одложат проектите доколку се во можност додека да се реши проблемот со ангажманот на 30 хонорарни соработници во МКЦ  на кои од почетокот на месецов не им се продолжени договорите.

Одговарајќи на новинарско прашање Костадиновска Стојчевска рече дека одредени проекти се во опасност затоа што треба да се реализираат во овој период, истакнувајќи дека за статусот на хонорарните соработници треба да одговори Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Бев исконтактирана од неколку корисници на проекти од МКЦ кои користат средства преку Министерство за култура преку нивната програма и од нив ми беше кажано дека ќе се обратат до Министерството за култура. Меѓутоа, се уште немаме конкретен одговор, затоа што тоа не е нешто што треба да го одговори Министерството за култура, туку Државната комисија за спречување на корупцијата. Од она што јас го имам како информација е дека тие се хонорарци кои се ангажираат месец за месец и токму тука настанал проблемот иако на нив како што слушнав од медиумите директорот им ветил дека по изборите ќе им ги продолжи договорите, рече Костадиновска Стојчевска.

Таа дополни дека има одредени проекти кои се во опасност затоа што треба да се реализираат во овој период.

Ги советувавме корисниците  дека е најдобро да го одложат одржувањето на проектите за после изборите, доколку е можно,  за да може овие договорци –  долгогодишни соработници на МКЦ, да се вратат назад на работа и да ги реализираат проектите. Тоа може да советуваме од Министерство за култура, сепак за нивниот статус ќе мора да одговори ДКСК, изјави Костадиновска Стојчевска, која беше на увид во почетокот на реновирањето на просторот доделен на НУ Национален џез оркестар.

Раководството на МКЦ Скопје, според објавите во медиумите, не ги продолжило договорите на хонораците по известување од ДКСК дека согласно со членот 8 -а од Изборниот законик, во изборен процес е противзаконски да се злоупотребува буџетот на установата. 

извор: https://novatv.mk/

- Реклама -