По реакцијата на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), во која побараа во Предлог-Законот за клевета и навреда да се избрише дека ќе се одговара и за изразување на „негативно мислење”, денеска од Штип и премиерот Димитар Ковачевски со став дека оваа формулација „не е добра“ и треба да се тргне.
„Вчера видов коментари во однос на тоа законско решение, кое е во надлежност на Министерство за правда. Министерство за правда веднаш реагираше, инаку самото законско решение е предложено низ инклузивен и консултативен процес, заедно со претставници на ЗНМ и на други институции. Исто како и Министерството за правда, коешто веќе го соопшти ставот и јас се согласувам со тој став дека таа формулација не е добра и треба да се тргне“, изјави Ковачевски.
Тој изрази увереност дека отстранувањето на формулацијата во законот ќе се направи во најбрз можен рок.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагираа дека барањето на власта за навреда да одговара секој кој што ќе искаже негативно мислење е уште еден доказ дека Македонија е заробена држава и е „обид на заевизмот да наметне целосна цензура за на тој начин да ја покрие својата неспособност, криминал и корупција“.
Според нив, тоа „е одраз на тоталното лудило и одлепеност од реалноста“ на владата на Ковачевски, кој, како што велат, е пиун на Зоран Заев и продолжува со неговото авторитарно владеење.
Вчера министерството за правда ја информираше јавноста дека формулацијата во предлог Законот за граѓанска одговорност каде за навреда се одговара и за „негативно мислење“, е грешна формулација, за што ќе се интервенира веднаш во амандманската расправа.
Во соопштението, Министерството увери дека целосно ги поддржуваат новинарските слободи и права, како и дека сите закони ги носат заедно со здруженијата, а во интерес на објективното и слободното информирање.