Ковачевски: Кога Црвенковски беше претседател беше несфатливо да имаме договор со Грција и да бидеме членка на НАТО, па ете

„Можноста за поголем пристап на кандидатите за членство до европските фондови ја најави и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, но не како замена за зачленувањето, туку со цел подобрување на нивните перформанси и капацитети“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи ја иницијативата што вчера ја промовираше поранешниот претседател Бранко Црвенковски – да им се овозможи на државите од Западен Балкан пристап до заедничкиот европски пазар и до европските фондови.

Премиерот потенцира дека нашите соседи членки на ЕУ од европските фондови добиваат 11 пати поголема помош по глава на жител, од земјите кандидати за членство.

„На секој состанок со ЕУ истакнуваме дека тоа треба да се промени, бидејќи на таков начин ќе се намалува и јазот меѓу државите кандидати и државите коишто се членки на ЕУ“, додаде Ковачевски.

Во однос, пак, на вчерашната изјава на Црвенковски дека му се чинат „прилично нелогични и без реална поткрепа изјавите дека ако сега ги почнеме преговорите, за 4-5 или 7 години ќе станеме полноправна членка на Унијата, или дека војната во Украина создава нов моментум кој ќе го забрза процесот на проширување“, Ковачевски со оценка дека ставовите зависат од тоа од која перспектива се гледа на работите.

„Имаше песимисти дека ние никогаш нема да станеме членка на НАТО, меѓутоа станавме членка на НАТО. Имаше луѓе кои беа песимисти дека никогаш нема да добиеме Преговарачка рамка – па добивме Преговарачка рамка. Имаше луѓе кои велеа дека никогаш нема да се случи потпишувањето на Договорот со Фронтекс на чист македонски јазик, но се случи. Така што, важно е да се остане верен на целта што ја сакаат граѓаните, а тоа е членството во ЕУ, и да се работи таа цел да се оствари“, истакна премиерот.

Според Ковачевски, од перспектива на времето кога Црвенковски ги извршуваше функциите на претседател и премиер на државата, било практично несфатливо дека може да се дојде до договор со Грција и дека земјава ќе стане членка на НАТО, но од денешна перспектива, вели, гледаме дека можело и да се постигне договор и да се зачлениме во Алијансата.

„Исто така никој не очекуваше дека минатата година ќе добиеме Преговарачка рамка, после 17 години чекање, меѓутоа на крајот на денот ние заедно со пратениците во Собранието и со 27 земји на ЕУ усвоивме Преговарачка рамка. Така што, јас верувам дека ние до 2030 година можеме да бидеме членка на ЕУ, доколку ги донесеме одлуките коишто се очекуваат од нас. За тоа веќе постои поддршка и отворен прозорец од страна на ЕУ“, рече Ковачевски.

МИА

- Реклама -