Ковачевски: Малку кој веруваше дека ќе имаме просечна плата од 30.000 денари, но ете, ветувањето на СДСМ од 2017 година е целосно реализирано

„Благодарение на правичните политики и одговорното владеење, ветувањето на СДСМ од 2017 година е целосно реализирано!“, напиша на Фејсбук премиерот Димитар Ковачевски, откако Државниот завод за статистика објави дека просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во март годинава изнесува 31.080 денари.

Според ДЗС, таа е зголемена за 10.1%, односно за 2.863 денари во однос на лани, во март 2021 година.

Покачувањето на платите и вложувањето во стандардот на граѓаните е политика на која СДСМ остана доследна, вели Ковачевски, потенцирајќи дека просечната плата за март годинава дури и ја надминува поставената цел од клучното ветување на СДСМ.

„Малку кој веруваше дека ќе имаме просечна плата од 30.000 денари. Ова ветување беше мета на критика и потсмев од опозицијата која силно се противи на растот на платите, но и покрај честите опструкции од нив – успеавме“, пишува Ковачевски.

„Во време на голема економска криза сфаќаме колку се значајни овие политики. Со покачувањето на платите ги штитиме граѓаните од големиот раст на цените, а буџетот го насочуваме онаму каде е најпотребно, да обезбедиме повеќе приходи, да ги намалиме ценовните шокови и заеднички полесно да ја надминеме кризата“, додава премиерот, изразувајќи благодарност на сите членови на Владата во овој и минатиот мандат кои, како што рече, доследно и посветено работеле на остварувањето на ова ветување.

Прочитајте и:  СДСМ: Наместо да и честитаат на Шекеринска, Сиљановска и ВМРО-ДПМНЕ избраа да бидат „мали“ во момент кога Македонија е голема

„Силно верувам дека граѓаните ќе ги препознаат и наградат овие политики на владата предводена од СДСМ“, дополни Ковачевски.

Владата, пак, ја спореди просечната плата од март годинава со истиот период во 2017 година, кога просечната плата изнесувала 22.445 денари. Разликата, како што посочуваат од „Илинденска“, е 8.635 денари.

„Владата и во услови на најголема светска криза продолжува со засилена динамика да носи мерки во интерес на граѓаните. Минималната плата е зголемена на 18.000 денари, пензиите доживеаја историски највисок раст, а невработеноста е исто така на историски најниско ниво. Владата со сите засегнати страни низ дијалог, креира методологии со кои платите и пензиите, ќе продолжат континуирано да растат“, велат од Владата.

- Реклама -