Ковачевски: Му благодарам на Мицкоски за довербата дека Владата одлично се справува со кризата

Предвремени парламентарни избори нема да има, тие ќе се одржат во 2024 година, повтори и денеска премиерот Димитар Ковачевски. Одговорајќи на темата за барањата на опозицијата, пред сѐ ВМРО-ДПМНЕ, за предвремени избори, Ковачевски оцени дека е комплимент од нивна страна тоа што бараат избори во мај, односно напролет; тоа, според него,  покажува дека Владата ефикасно се справува со енергетската криза која, како што рече, „завршува на 30 април“.

„Мицкоски по не знам кој пат поставува барање за предвремени избори. Јас имам многу јасен став кој не го менувам секоја недела како него: дека избори ќе има во 2024 година, во редовниот термин, зашто имаме економска и енергетска криза. Воедно, скрининг процесот е почнат и е во тек, а и земјава е претседавач со ОБСЕ. Сигурно тоа нема да го прекинуваме за да му удоволуваме на Мицкоски и на неговите партиски желби. Избори ќе има во 2024 година. На парламентарните избори ќе победат СДСМ и коалициските партнери, а на претседателскиот кандидатот што тие ќе го предложат. Тоа што Мицкоски бара избори во мај е комполимент за Владата, значи смета дека Владата одлично се справува и со економската и со енергетската криза која завршува на 30 април. Можам само да му се заблагодарам за довербата дека добро се справуваме со кризата“, порача Ковачевски од Битола.

Прочитајте и:  СДСМ: Новата сила и енергијата на Конгресот ја вознемири ДПМНЕ

По ваквата изјава на премиерот, реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Бидејќи Ковачевски е задоволен со барањето избори во мај, нека ја распушти владата во февруари и Македонија да оди на избори“, побараа тие.

„Му благодариме на Ковачевски што е јавно задоволен со барањето за избори во мај, и еве, ако е прифатливо за него, владата да се распушти во февруари и Македонија да оди на избори.

Се надеваме меѓу два стратешки состаноци за барање на странска помош за справувања со кучиња бездомници и чекањето на списокот со задачи кој треба да му го донесе Али Ахмети по тиранската средба, Ковачевски нема да го смени мислењето и да исчезне благодарноста за избори во мај“, саркастични се од ВМРО-ДПМНЕ.

- Реклама -