Ковачевски: Не може националистички реторики и членка на ЕУ да бидат пречка за држава со четири позитивни извештаи

Не може политичка борба во соседна држава, земја-членка на ЕУ и популистичко-националистички реторики да бидат пречка за зачленување на држава која има четири последователни позитивни извештаи за почнување на првата меѓувладина конференција, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Одговорајќи на новинарски прашања, Ковачевски уште еднаш нагласи дека како земја имаме јасна цел за членство во ЕУ, а во таа насока, потенцира, и како држава и како народ направивме многу во изминатите 30 години, особено по добивањето на кандидатскиот статус.

Премиерот повтори и во оваа прилика – дека на земјава ѝ треба брзо а не избрзано решение, како и дека остануваме на инсистирањето пред европските партнери час поскоро да почне првата меѓувладина конференција.

„Од првиот ден зборувам дека преговорите со Бугарија ги водиме врз основа на европските вредности, врз задржување на достоинството на граѓаните на двете држави, како и врз основа на меѓусебно почитување и на политичарите и на сите институции во државите. Само ако така се водат преговорите, може да има позитивен дијалог, тон и начин на комуникација што ветува дека може да се дојде до решение за кревање на ветото. Ние треба да кажеме дека Северна Македонија има вето од соседна држава за почнување на првата меѓувладина конференција. Доколку бидат тие услови исполнети, тогаш може да се очекува договор, но само ако бидат исполнети тие услови“, потенцира Ковачевски пред настанот по повод 50 години од формирањето на ЗЕЛС.

Прочитајте и:  Николоски: Ако сработиме добро со Франција, дипломатски тешкаш за едно попладне во Софија би го решил проблемот

Тој дополни и дека никогаш не спомнал датум.

„Од првиот ден кажав дека ни треба брзо, но не избрзано решение. Ни треба брзо решение зашто проширувањето на ЕУ не е само политичко и економско прашање, туку во овој момент е и геостратешко и безбедносно прашање. Ќе останеме на тој пат, на усогласување на нашата регулатива, на зголемување на транспарентноста и ефикасноста на сите процеси во државата за да ги унапредиме прво работењето и живеењето дома, но ќе инсистираме пред нашите европски партнери во ЕУ дека за Северна Македонија час поскоро треба да почне првата меѓувладина конференција“, напомена премиерот.

МИА

- Реклама -